Австралија Опен: Фоњини е првиот од “големите” кој ќе се пресели на трибините во Мелбурн

Првиот носител и главен фаворит за освојување на Австралија Опен, Новак Ѓоковиќ без поголеми проблеми се пласираше во второто коло на турнирот, откако славеше против Алјаж Беден од Словенија со 3:0 (6:3, 6:2, 6:4).

Тој во второто коло ќе игра против Русинот Андреј Кузњецов, кој синоќа славеше против Алберт Рамос од Шпанија.

Инаку најзвучно име кое уште на стартот ги заврши натпреварите на првиот Гренд Слем годинава е 15-от носител Фабио Фоњини, кој загуби со 3:1 (4:6, 6:2, 6:3, 6:4) од Алехандро Гонзалес од Колумбија.

Во второто коло тој ќе се сретне со Гиљермо Гарсија-Лопез кој при водство од 2:1 во сетови против Гојовчик, победи службено откако Германецот го предаде мечот.

На чекор од испаѓање беше и Фелисијано Лопез, откако Денис Кудла при резултат 6:5 сервираше за меч. Американецот имаше три меч топки, од тоа две врзани, но 12-от носител на крајот се извлече и по три и пол часа славеше со 3:2 (3:6, 6:2, 4:6, 6:2, 10:8).

Во следната рунда натпревари пласман обезбедија и Станислас Вавринка кој беше подобар од Марсел Илхан, потоа Кеи Нишикори кој го совлада Алмагро во три сета, како и Давид Ферер, Милош Раониќ, Џон Иснер, Жил Симон, Жил Милер, Иван Додиг, Роберто Баутиста итн.