
Австралиските власти го прогласија 7 август за Ден на жалост за жртвите од соборениот малезиски авион во источна Украина.
Тој ден националните знамиња ќе бидат спуштени на половина копје во сите владини згради и во амбасадите на Австралија во странство.
Во катедралата „Сент Патрик“ во Мелбурн истиот ден ќе се одржи церемонијата за помен на жртвите.
На 7 јули „Боинг-777“ на „Малејжа ерлајнс“, што изведуваше лет од Амстердам за Куала Лумпур, беше соборен на територијата на Доњецката област во Украина. Во несреќата загинаа 298 лица, од кои 38 Австралијци.
Меѓу жртвите имаше државјани на Малезија, Холандија, Индонезија, Велика Британија, Германија, Белгија, Филипини, Канада и Нов Зеланд.
На местото на несреќата се уште има околу 80 непронајдени тела, смета австралиската Влада, која ја обвини Русија дека и попречува на истрагата.
– Ја добиваме најсилната можна поддршка од украинската Влада, но борбите на местото на несреќата продолжуваат, изјави австралиската министерка за надворешни работи Џули Бишоп во телевизиско интервју.
„Имам големи стравувања дека Русија активно ја поткопува истргата“, дополни таа.
Австралија, САД и Европа ја обвинуваат Москва дека ги вооружава бунтовниците, осомничени за соборувањето на авионот на 17 јули.
Русија негира секаква вина за трагедијата.
– Меѓународните истражители се уште не се во состојба да стигнат до местото на несреќата за да ги побараат преостанатите тела и докази, и покрај уверувањата на Владимир Путин дека ќе помогне во обезбедувањето на пристапот, рече австралиската шефица на дипломатијата.