Австрија го укинува локдаунот и за невакцинираните за време на празниците

Австриската влада одлучи да го укине локдаунот за невакцинираните граѓани за време на божиќните и новогодишните празници.

Во празничниот период ќе биде дозволено собирање до максимално 10 луѓе без „2Г“ сертификати, соопшти австрискиот министер за здравство, Волфганг Микштајн.

За собирање со максимум 25 лица повторно важи „2Г“ правилото, а тоа е да може да присуствуваат само вакцинирани или оздравени, изјави министерот на конференција за медиумите.

За Нова Година ќе се укине и ковид ограничувањето на работното време во гастрономијата.

Микштајн изјави дека со општиот локдаун се доби простор кој овозможува отварање и за невакцинирани. Поради тоа тој вели дека ќе биде овозможено одредено отклучување за празниците.

Меѓутоа, Микштајн предупредува дека треба граѓаните да бидат внимателни поради омикрон сојот кој што неконтролирано се шири.

– Божиќ треба да покаже колку е важен контактот со нашите најблиски. За време на Божиќ треба да собереме сили и да се подготвиме за следните недели – рече тој, порачувајќи дека тие денови нема да има ограничувања на слободата на движење.

Микштајн најави построги правила за влез во земјава, особено од Велика Британија и рече дека се работи на соодветна регулатива.