И покрај поскапувањето на енергенсите и војната во Украина, пазарот на трудот во Австрија сѐ уште закрепнува, а во мај е забележана најниската стапка на невработеност во последните 14 години од 5,7 отсто. Бројот на невработени во Австрија на крајот на мај, во однос на истиот месец лани, е помал за 20,6 отсто.
Во Заводот за вработување (АМС) се пријавени вкупно 311.543 лица, што е за 80.817 помалку од пред една година. Споредено со април, бројот на невработени е помал за околу 16.000.
Истовремено, на крајот на мај во АМС биле пријавени над 138.000 слободни работни места.
„Тоа е рекорден број на работни места за кои се бараат работници“, изјави министерот за труд Мартин Кочер. Нагласи дека има поволен развој на пазарот на труд поради комбинацијата на сезонските ефекти и добрите економски податоци, заедно со мерките што ги презема активната политика за вработување.
Австрија во последните месеци имаше проблеми со работната сила, особено во туризмот и угостителството, поради што сѐ погласни се барањата за „увоз“ на работна сила.
Директорот на АМС Јоханес Копф очекува дека невработеноста во Австрија ќе продолжи да опаѓа. Неговата прогноза е дека во јуни за прв пат по подолго време ќе има помалку од 300.000 невработени.