Австрија има намера да купи 12 италијански борбени авиони

Австрија има намера да купи 12 борбени авиони „М-346 FА“ од италијанско производство за да ги замени авионите „Saab 105“ коишто ги повлече од употреба во 2020 година, соопшти владата во саботата.

Виенскиот дневен весник Krone, повикувајќи се на воени извори, објави дека во саботата ќе биде потпишано писмо за намери со италијанското Министерство за одбрана за купување на авиони произведени од италијанската компанија „Leonardo“.

Во моментов се преговара за договор со италијанската влада, соопшти австриското Министерство за одбрана, потврдувајќи дека има намера да ги купи авионите.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека договорот ја покажува силата на соработката меѓу Италија и Австрија.

„Моја посебна благодарност упатувам до (италијанската) премиерка Џорџија Мелона, која даде значаен придонес во склучувањето на овој договор“, рече Нехамер во изјавата.

Вкупната цена на авионите сѐ уште не е одредена, но за нив се буџетирани околу една милијарда евра, објави весникот. Авионите ќе се користат за обука на пилоти и поддршка на копнените сили и воздушната одбрана, соопшти владата.