Во Австрија во неделата наутро беа отворени избирачките места за парламентарни избори, кои би можеле да означат историска победа на крајната десница, која според анкетите води пред конзервативците.
Десничарската Партија на слободата на Австрија (FPÖ) има добри изгледи за релативна победа на парламентарните избори, но се проценува дека во секој случај има мали шанси да даде канцелар и да формира влада.
Изборите во неделата за Nationalrat (Национален совет), како што се нарекува долниот дом на сојузниот парламент во Австрија, би можеле да останат во историјата како први федерални избори на кои десничарската FPÖ би можела да освои најголем број гласови.
Партијата на слободата (FPÖ) веќе учествуваше во неколку влади во алпската земја, но сè уште никогаш не била прва на националните избори.
Во речиси сите анкети, партијата на Херберт Кикл води со околу 28 отсто поддршка пред владејачката конзервативна Австриска народна партија (ÖVP), која може да смета на поддршка од 24 до 26 отсто од гласовите. Ова е голема загуба за „народњаците“ во однос на последните избори во 2019 година, кога на нив освоија 37 отсто од гласовите.
Поддршката за социјалдемократите (SPÖ) е околу дваесет проценти, додека либералите и зелените се борат за четвртото место, со околу девет проценти од гласовите.
Комунистичката партија на Австрија (KPÖ) и левичарската либерална партија Bier би можеле да го поминат изборниот праг од четири проценти.
„Социјална помош во иднина само за домашните, нема политички азил во Австрија, Австрија е опкружена со безбедни земји. Кој ќе ја запре миграцијата на луѓето ќе го запре и увозот на исламизмот”. Вака накратко ја претстави својата предизборна програма главниот кандидат на FPÖ, Херберт Кикл.
Со него австриските либерали се залагаат за „тврдина Австрија“ и затворање на границите по линијата на соседна Унгарија.
„Во Австрија живеат премногу странци“ е главната предизборна порака на десничарската партија.
Херберт Кикл е среќен што се гледа себеси во идната улога на претседател на австриската влада и го користи терминот „народен канцелар“, иако ова е името со кое во минатото се нарекувал само Адолф Хитлер. Но, веројатноста Кикл да стане австриски канцелар сепак е мала.
Како и во соседна Германија, каде што никој не сака да коалицира со десничарските суверенисти од Алтернатива за Германија (AfD), ниту ÖVP ниту SPÖ не сакаат да формираат коалиција со FPÖ во влада во која Кикл би бил канцелар.
Канцеларот Карл Нехамер, лидерот на конзервативците, ја намали разликата во последните седмици играјќи на картата на партија „во центарот“ на политичкиот спектар, и покрај нејзините многу јасни позиции за имиграцијата.
И покрај очекуваниот пад од повеќе од десет поени во споредба со изборите во 2019 година, ÖVP, на власт од 1987 година, треба, без какви и да се изненадувања, да ја задржи канцеларската функција, предвидуваат експертите, но преговорите ќе бидат долги за да се најде партнер.
Повеќето избирачки места беа отворени во 7:00 часот за 6,3 милиони гласачи, од вкупно девет милиони жители. Првите проекции, врз основа на резултатите од гласањето по пошта и веќе затворените гласачки кутии, се очекуваат веднаш по затворањето на гласачките места во 17 часот.