Австрија протера четворица руски дипломати

Австрија протера четворица руски дипломати поради постапување на начин некомпатибилен со нивниот дипломатски статус, изјави денеска портпаролката на австриското Министерство за надворешни работи.

На тој начин Австрија се приклучи на групата држави од ЕУ кои презедоа слични чекори оваа недела.

За разлика од Франција, Италија и Германија, портпаролот на австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг не рече дека потегот на Австрија за протерување на дипломати е резултат на акциите на руските сили во Украина.

Тројца дипломати од Руската амбасада во Виена и еден од Салцбург мора да ја напуштат Австрија до 12 април.

Голем број земји-членки на НАТО и ЕУ одлучија да протераат руски дипломати по извештаите за откривање масовни гробници и убиства на цивили во украинскиот град Буча, за кои се товарат руските трупи во Украина.

Москва, која тврди дека снимките од погубените цивили во Буча се лажни продукти на украинската и на западната пропаганда со цел да се дискредитира Русија, соопшти дека ќе возврати на протерувањето нејзини дипломати.