Според пишувањето на рускиот ресурс Спорт-Експрес, компанија за енергетски пијалаци „Red Bull“ планира да го прошири своето „фудбалско царство“ со купување на уште еден клуб, рускиот прволигаш Уфа.
Истовремено агенцијата РИА наведува дека за влегување во сопственичката структура на клубот Уфа, кој е основан во 2009 година, заинтересирани се и сопствениците на англискиот великан Манчестер Сити, „City Football Group“ од Обединетите Арапски Емирати.
Се нагаѓа дека цената на Уфа е околу четири милиони евра, а челниците на клубот наводно сметале дека е подобро клубот да биде продаден на Австријците кои изградија мрежа од фудбалски академии во светот и не се потпираат само на вложување пари во скапите ѕвезди.
„Интересно е што првите луѓе на Уфа се поблиски до понудата на ‘Red Bull’, што носи помалку пари, но многу повеќе потенцијал“, пишува Спорт-Експрес.
Австрискиот милијардер Дитрих Матешиц, 75-годишниот коoсновач и сопственик на 49 отсто од компанија за енергетски пијалаци „Red Bull“, во ноември 2004 година го купи тимот на „Јагуар“ во Формула 1 и го преименуваше во „Ред Бул“. Кон крајот на 2004-та ја купи и тркачката патека А1-Ринг и ја преименуваше во Ред Бул Ринг. Во неговата сопственост се и фудбалските клубови РБ Салцбург, РБ Лајпцг и РБ Њујорк.
Матешиц, чиешто лично богатство се проценува на 22,3 милијарди долари, во фудбалот влезе во 2005 година, кога ја купи Австрија Салцбург сега РБ Салцубург, потоа ги купи Њујорк Метростарс и ги преименуваше во РБ Њујорк, и на крајот Лајпциг стана РБ Лајпциг. Основаше и клубови во Бразил и во Гана, со што се проширу на уште два континента.
Уфа во моментот на прекинувањето на сезоната во руската Премиер лига беше на деветтото место од 16 клубови.