Австрија го избра најмаладиот министер за надворешни работи во Европа

Дваесет и седумгодишниот Себастијан Курц, кој оваа недела стана најмладиот министер за надворешни работи во Европа, се надева дека ќе го освежи досадниот имиџ на Австрија и дека ќе ја претставува како модерна земја, отворена кон светот, пренесува „Ројтерс“.

Неговото назначување може да и помогне и на центристичката коалициска Влада да го поправи сопствениот имиџ, откако едвај успеа да постигне комбинирано мнозинство на изборите во септември. Новата партија „Неос“ која е ориентирана кон младите, се претстави изненадувачки добро на изборите.

Конзервативната Австриска народна партија (АНП), која ја дели власта со левоцентристите од Австриската социјалдемократска партија (АСДП), го изненади политичкиот свет откако го назначи Курц на функцијата, кој својата популарност меѓу народот ја стекнал како државен министер за прашањата на интеграцијата на имигрантите.

Назначувањето на најмладиот министер во историјата на втората република на Австрија, создадена по Втората светска војна, запали оган меѓу опозицијата.

„Кога Курц станува министер за надворешни работи без грам дипломатско искуство, нормално е да сте збунети. Ова е продолжение на австриското збогување со надворешната политика“, изјавил вчера пред парламентот лидерот на десницата, Хајнц Кристијан Штрахе.

Курц, кој освои најмногу директни гласови од сите членови на парламентот на изборите, одлично се справува со критиките на опозицијата.

„Точно е, се разбира. Со оглед на мојата возраст имам ограничено искуство и скоро никаква дипломатска практика. Она што можам да го дадам е многу ревност, енергија и желба да придонесам со нешто“, изјавил тој за „Ројтерс“.

Курц изјавил дека е политички активен уште кога имал десет години. Тој се приклучи на младинската организација на АНП во Виена во 2003 година и по една година задолжителна воена служба станува нејзин лидер во 2009 година.

Во 2010 година, кога е избран во општинскиот совет на Виена, тој се залага за еднаквоста помеѓу генерациите и пензиското осигурување.

Интеграцијата на странците во австриското општество е негов проект од 2011 година, кога благодарение на ротација во Владата станува државен министер, што е помала функција од сегашната која ја има.

Првично беше пречекан со скептицизам , но сега во голема мера е сфатен како прагматичен политичар со конкретни идеи. Меѓу нив е барањето за дополнителна предучилишна година за деца со слабо владеење на германски јазик.

Курц вели дека уште живее во истиот стан во градски кварт, населен главно од работничка класа, во кој живеел пред да влезе во Владата. Тој тврди дека неговата нова улога нема да му ја помати главата.

„Ова е голем чекор, но воопшто не значи дека мојот круг на пријатели или моите сфаќања ќе се променат. Со сигурност ќе бидам истиот човек , каков што сум сега“, рекол Курц.

Го споредуваат со Клеменс фон Метерних, кој во 1809 година станува министер за надворешни работи на Австро-Унгарија, на 36 години.