Австрија на почетокот на неделата ќе упати 20 тона помош за Грција за нашиот јужен сосед полесно да се избори со мигрантската криза. За ова информира австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл Лајтнер.
Пратката, како што се наведува во соопштението, ќе содржи кревети, хигиенски сетови и ќе биде упатена со три шлепери, пренесува „Танјуг“.
Австрија со приемот на 90.000 азилобаратели само во минатата година даде огромен хуманитарен придонес за надминување на мигрантската криза. Знаеме што значи притисок и затоа сакаме да ги поддржиме сите партнерски земји што се најдоа под притисок, порача Микл – Лајтнер.
Таа истакна дека тоа е прашање на фер однесувањето и изрази надеж дека овој пример ќе го следат и голем број други држави на ЕУ.
Поради зголемениот број на бегалци Грција побара поддршка од Европската Комисија за снабдувањето на мигрантите.