Австриска политичкарка идна министерка во словенечката влада

Словенечката влада потврди во четвртокот дека постои „национален интерес“ австриската политичарка Ангелике Млинар да добие словенечко државјанство, што е услов за нејзиното вонредно натурализирање, па таа наскоро би можела да стане министерка за развој и кохезиска политика во владата на премиерот Марјан Шарец.

За министерка во владата Млинар ја кандидирала партијата на поранешната словенечка премиерка Аленка Братушек, коалициски партнер во владата, а условот на премиерот Шарец бил Австријката, која има словенечко потекло но и има австриско државјанство, да добие словенечко државјанство во постапка за итна натурализација, која е покрената. Постапката ќе биде олеснета благодарејќи на етничкото потеколо, бидејќи Ангелике Млинар родум е од австриската покраина Корушка/Каернтен во која живее словенечко национално малцинство.

Според пишувањата на словенечките медиуми, министерството за внатрешни работи ќе одлучи за нејзиното државјанство по забрзана постапка, бидејќи ресорот за кохезиска политика во владата веќе подолго време е испразнет, имајќи предвид дека годинава веќе два министра, министер и министерка, поднесоа оставки на оваа должноста.

Четириесет и деветгодишната Ангелике Млинар во австрискиот сојузен парчамент беше избрана во 2013 година од листата на зелено-либералната партија NEOS и е меѓу основачите на оваа партија, а до мај годинава беше пратеничка во Европскиот парламент.

Нејзиниот обид да се избори за место во Европскиот парламент на листата на словенечката Партија на Аленка Братушек (SAB) во мај годинава не беше успешен, но се одлучи да се ангажира во словенечката политика. Шарец и Братушек изјавија дека Млинар од позицијата за кохезија би можела да ѝ помогне на Словенија подобро да ги искористи средствата од заедничките европски фондови, имајќи го предвид нејзиното искуство од Брисел, Стразбур и Виена, како и политичките врски.

Според австрискиот закон, лице со австриско државјанство мора да добие посебна дозвола за „двојно државјанство“ и да најави дека е во постапка за добивање на втор странски пасош. Млинар, пак, сака да добие словенечко и да го задржи австриското државјанство, на што не гледа со наклонетост австриската десница, пишуваат словенечките медиуми.

Норберт Хофер, лидерот на австриската Слободарска партија (FPOe), партија којашто ја вбројуваат во екстремната десница, изјави дека е против можноста Млинар, покрај австриското да има и словенечко државјанство, бидејќи во тоа не гледа национален интерес на Австрија, пренесува словенечката новинска агенција STA.