Австриската крајнодесничарска партија првпaт победи во Штаерска

Австриската крајнодесничарска Партија на слободата (FPO) во неделата првпат победи на покраинските избори во Штаерска, според проекциите врз основа на излезните анкети, додека преговорите за коалиција продолжуваат без неа по националните избори во септември.

Изборите во Штаерска, чиј главен град е Грац, немаат моментално влијание на национално ниво, но го зголемуваат притисокот врз партиските лидери кои се обидуваат да ја формираат првата трипартиска влада во Австрија од 1949 година.

Штаерска е втората сојузна покраина во која победи евроскептичната и пријателска кон Русија – Партија на слободата. Првата беше Корушка, упориштето на покојниот поранешен партиски лидер Јоерг Хајдер на неговиот политички врв во доцните деведесетти и раните 2000-ти.

„Не очекував толку добар резултат во Штаерска“, изјави Штефан Херман, заменик-шеф на FPO во Штаерска, за телевизијата ORF.

Проекциите на истражувањето спроведено од компанијата Foresight за ORF и новинската агенција АPA покажаа дека FPO е прва со 35,3 отсто од гласовите, а конзервативната Народна партија (OVP) е втора со 26,6 отсто.

Во оваа покраина, која граничи со Словенија, првпат по Втората светска војна не победија ниту OVP, ниту социјалдемократите SPO.

FPO ќе има потреба од коалициски партнер за да го контролира мнозинството места во собранието на провинцијата Штаерска и да формира влада.