Австриската министерка која танцуваше со Путин се вработи во „Роснефт“

Поранешната министерка за надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл денеска стана член на надзорниот одбор на руската нафтена компанија Роснефт, објави компанијата.

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер е исто така член на 11-членото тело, пренесува германски Шпигел.

Карин Кнајсл доби меѓународно внимание кога го покани рускиот претседател Владимир Путин на нејзината венчавка во јужна Стирија во 2018 година. Фотографиите на Кнајсл, облечена во народна невестинска носија како танцува со Путин, го обиколија светот.

Многу дискусии предизвика и фактот што австриската министерка му се поклони на рускиот претседател по танцот. Таа се бранела дека Путин бил прв кој и се поклонил, а таа само кимнала. Венчавката се случи само неколку месеци по аферата Скрипал, која ги влоши односите меѓу ЕУ и Русија, бидејќи голем број европски земји го откажаа гостопримството кон руските дипломати во знак на протест против руското труење на агентот Скрипал во Велика Британија.

Карин Кнајсл (56) беше австриска министерка за надворешни работи од 2017 до 2019 година. Таа беше избрана на оваа позиција како непартиска личност, со поддршка на крајно десничарската Партија на слободата (FP F).

Во мај 2020 година е објавено дека таа пишува за руската државна агенција како надворешен соработник. Таа се претставувала како енергетски аналитичар. Поранешната австриска министерка оди по стапките на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој се дружел со Путин за време на неговиот мандат, пишува британски Гардијан. Поранешниот канцелар е член на надзорниот одбор на Роснефт од 2017 година. Роснефт е во мнозинска државна сопственост, со промет од 80 милијарди евра во 2019 година и е еден од најголемите работодавци во Русија со околу 330 000 вработени.

Не е познато колку ќе биде платена Карин Кнајсл. Потврдено е дека Шредер прима годишна плата од 492 000 евра.

Шредер, кој ревносно се залагал за гасоводот „Северен поток“ за снабдување на Германија со руски гас, стана шеф на одборот на акционери на „Газпром“ по неколку недели по напуштањето на функцијата. После тоа, тој имал различни позиции во „Гаспром“ и „Роснефт“.

Раководството на Роснефт вклучува двајца поранешни шефови на БП (Бритиш петрол), Ирецот Бернард Луни и Американецот Боб Дадли. Главен извршен директор на Роснефт е Игор Сечин, скоро три децении близок сојузник на Путин.

Пристигнувањето на Путин на венчавката не и донесе брачна среќа на австриската дипломатка. Бракот на Карин Кнајсл со бизнисменот Волфганг Меилингер наскоро се распадна, откако таа го обвинила за физичко насилство.