Австриската полиција уапси 14 лица во истрагата за нападот во Виена

Австриската полиција уапсила досега 14 лица поврзани со главниот осомничен за терористичкиот напад од понеделникот ноќта во центарот на Виена, соопшто на попладневната прес-конференција во вторникот австрискиот министер за внатрешни работи Карл Негамер.

Австриската државна телевизија ORF претходно извести дека еден од осомничените е уапсен во градот Линц, како и дека станува збор за лице кое на безбедносните служби им било познато како исламист.

Од неговиот дом го извеле со лисици полицајци во полна опрема, се наведува во извештајот, со напомена дека засега сѐ уште не е познато на кој начин е поврзан со нападот во Виена.

Министерот Нехамер изјав дека полицијата во истрагата досега извршила претреси на 18 станови и куќи во земјата.

Ги потврди информациите дека главниот осомничен на нападот вр австриската престолнина во кој се убиени четири цивили а ранети се уште 22 лица од седум се во многу тешка состојба, е 20-годишник роден во Виена кој имал двојно австриско и македонско државјанство.

Осомничениот, за кој австриската полиција нема сомнежи дека е извршител на нападот кој е убиен во престрелка со полицијата, е идентификуван како Кујтим Фејсулаи, кој бил осуден за припадност на радикална исламистичка организација.

Во пролетта 2019 година бил осуден на 22 месеци затвор поради обидот да отпатува во Сирија за да се приклучи на џихадистичката организација Исламска држава. Но на почетокот од декември минатата година бил ослободен од затворот за помлади полнолетни лица, поради тоа што властите заклучиел дека кај него има „изгледен позитивен развој“.