Австрискиот амбасадор претера, ама Заев не знае дека не може да го тужи

Долгогодишната сервилност на македонските политички елити кон ткн „странски (меѓународен) фактор“, придонесоа нивните дипломатски претставници „отворено“ и „без ракавици“ да си земаат право да коментираат политички постапки, како во случајот со австрискиот амбасадор и владеењето на правото во земјата, што предизвикува сега нервозни реакци токму кај оние кои на челните позиции дојдоа со нивни интервенции.

Станува збор за отвореното писмо на австрискиот амбасадор Георг Вуцас, во кое тој побара смена на судии, обвинител, како и одговорност за нотари и извршители, оценувајќи дека го одолговлекувале процесот на наплата на долгот на австриска компанија. А станува збор, како што се покажа подоцна, за спор со компании поврзани со лица блиски на поранешниот претседател на СДСМ и премиер Зоран Заев.

Но токму Заев, доколку се потсети неговата екселенција, дојде на власт со жестоката кампања против поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ јасно и јавно поддржана и од странските дипломатски мисии во Скопје, иако беше предупредувано дека зад нивниот тогашен и подоцнежен фаворит се влечат опашки од финансиски дубиози создавани преку веригата компании во кои како први луѓе се јавуваат членови на потесното семејство Заеви или нивни блиски соработници. Тогаш тоа беше пренебрегувано, кога стануваше збор за штети врз македонската држава, но сега кога станува збор за нивен интерес истата политичка фигура која беше глорификувана затоа што ѝ го смени името на Македонија, станува проблем.

Австрискиот амбасадор во отворено писмо до медиумите насловено „Што ќе надвладее? Владеење на правото и заштита на австриски инвестиции во Северна Македонија или криминални договори за заробување на судството и правните службеници“ обвини дека фирмите ДЕНА и ГЛОБАЛ ги заробиле судството и службениците (извршителите и нотари) во случајот со австриската инвестиција во земјава на AMMA Import Export GmbH (AMMA), и побара од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги отстрани „сите неспособни и пристрасни судии и обвинителите“. Вуцас бара и надлежните комори на извршители и нотарите да ги укинат лиценците на „правните службеници кои ги злоупотребиле нивните овластувања“, и овозможиле, како што наведе „да се избегне и спречи признавање и извршување на арбитражна одлука во износ од приближно 4,5 милиони евра дадени на 3. јануари 2023 година во фер и транспарентен процес од реномиран меѓународен арбитер“.

Во дописот од Австриската амбасада, се вели дека „патот на извршување на меѓународна арбитражна одлука во Северна Македонија излегува дека претставува предизвик и ги загрозува инвестициите преземени од австрискиот инвеститор“, посочувајќи дека „во случајот времето е значителен фактор, со оглед на тоа што ДЕНА уште од почетокот, со поддршка на сродни компании, извршители и нотари, презема разни активности за да ги избегне и спречи легитимните побарувања“, обвинувајќи, меѓу другото дека: „прво, најголемиот дел од својот имот го префрли на ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ ДООЕЛ Валандово, (ГЛОБАЛ), поврзана компанија која е во сопственост на г-ѓа Емилија Заева Костова, сопруга на г-дин Атанас Костов, и роднина на поранешниот премиер Зоран Заев“, второ „помогнала во спроведување на две извршни решенија против сопствените стакленици и имот во Валандово, при што има јасни докази дека официјалниот јавен катастар е изманипулиран како поддршка на овие акции“, и трето „поттикнаа јавно наддавање на сопствена стаклена градина во Богданци на 10 јули 2023 година, иако е во тек граѓанска постапка и кривична истрага“.

„Со последното закажување на јавно наддавање на 10 јули 2023 година во корист на ДЕНА поврзаната компанија, АММА речиси сигурно нема да ја врати отштетата во износ од 4,5 милиони евра. Зошто австриски инвеститор мора да ангажира три адвокатски канцеларии и да поднесе над десетина правни предлози за признавање на арбитражна одлука во Северна Македонија? Како е можно дека на централен катастар, официјален јавен регистар, може да се манипулира? Како може да продолжуваат извршни постапки со граѓански тужби кои се во тек против него и кривични истраги во тек? Зошто надлежните институции во државата, најважно, се Советот на јавни обвинители, Државниот јавен обвинител, Вишото јавно обвинителство – Скопје, се целосно неактивни и воопшто не го истражуваат случајот? Дали ДЕНА и ГЛОБАЛ ги заробија судството и службениците (извршителите и нотари)?“, се вели во соопштението од Австриската амбасада во земјава.

Секако, како што рече и претседателот Стево Пендаровски, една од обврските на секоја дипломатска мисија е грижа за благосостојбата на нејзините државјани и инвестициите на нинивите компании, во случајов австриска. Меѓутоа, прашањето е дали дипломатската практика познава ваков директен атак врз правосуден систем на една земја. Па колку и да се нејзините граѓани осведочени и огорчени и обесправени во неговата нефункционалност и пристрасност, што е впрочем последните години нотирано и во извешатите и на меѓународните тела и организации, како и на американскиот Стејт департмент. Се чини, г-дин Вуцас ја мина линијата на воздржаноста на дипломатскиот кодекс, без разлика од која причина, но очигледно имајќи ја перцепцијата за Македонија како „село без кучиња“.

Споменатиот дипломат треба и да се потсети во која друга земја во светот неговото јавно обраќање би било одминато без реакција. Освен изјавите за медиумите од споменатите правосудни инстанци, досега нема никаков одговор од Министерството за надворешни работи, барем на разговор да го повика г-дин Вуцас.

Од друга страна, пак, трагикомична делува изјавата на Зоран Заев, што не е некое особено изненадување од негова страна, оградувајќи се од деловниот спор но со интенција дека ќе го тужи амбасадорот на Австрија.

„Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука како и впрочем се очекува без разлика за кој граѓанин или правен субјект се однесува“, стои во реакцијата на Заев, објавена од Независен.мк.

Заев, во реакцијата апелира „судот и правосудните органи, како и било која друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето, а како што вели, доколку амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш неговото име во ваква негативна конотација најавува тужба за нанесена штета врз честа и угледот.

„Јас се сметам за пријател на Австрија и за време на мојата одговорност како премиер сум воспоставил одлични пријателски релации и соработка со Австрија. Така што нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име“, напиша Заев.

Заев притоа предупредува, или се заканува, дека секое следно споменување на неговото име во истиот контекст ќе значи „дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност“, и оти ќе бара јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и оти за случајот ќе ги известел лично австриското министерство за надворешни работи и тамошната влада.

Меѓутоа, како што беше наведено погоре човекот кој дојде на власт дуректно со скапи интервенции на „меѓународниот фактор“, не се осврнува на тоа дали австрискиот амбасадор направил дипломатски преседан, туку Заев како попарен реагира на тоа што неговото име се доведува во поврзаност со случај во кој се надзираат малверзации.

Покрај тоа, Зоран Заев заканувајќи се со истерување на правдата кога тој се чувствува клеветен и загрозен од амбасадорот со кој имаше блиска соработка , како што за НетПрес велат поранешни македонски амбасадори и искусни дипломати, тоа може да го стори единствено доколку амбасадорот се откаже од дипломатскиот имунутет што го ужива според меѓународните конвенции.

Во секој случај, останува уште еднаш горчливиот вкус на непримерно и недозволиво во дипломатијата реагирање на австрискиот амбасадор. Како граѓани, од една страна, наоѓаме сатисфакција во неговата реакција кон Заев во случајот, што само ни го потврдува она во што и самите како поединци сме се соочиле во талкањата по македонските праввосудни лавиринти. Од друга страна, пак, сепак се наметнува прашањето за (не)дејствувањето на македонската дипломатија, којашто по редоследот на нештата треба да го повика австрскиот амбасадор на разоговор и барем да го укори за, благо речено, невообичаениот начин на комуникација со јавноста и земјата домаќин. Полтронството кон надворешниот фактот, се чини, е силно вкоренето во актуелната власт, што дури и крајно несоодветните активности ги одмолчува, па и кога претставуваат директен удар кон неа. А тоа може и да се протолкува и како премолчување на сопствената, на власта, вина и критиките кон неа.