Австрискиот амбасадор Георг Воутсас, преку допис до телевизија Телма упати низа жестоки критики до македонското правосудство и обвинителство, поради неможноста австриска компанија да си го наплати долгот од 4,5 милиони евра во меѓународна арбитража. Станува збор за реномираната компанија АММА Хоенемс која се занимава со трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи, која има побарувања во висина од 4,5 милиони евра од ДЕНА продукт увоз извоз Велес.
И покрај тоа што арбитражата е призната во Македонија, на македонските судови им беа потребни неколку месеци за да ја потврдат, период кој Дена продукт го искористила да префрли голем дел од својот имот на друга компанија, Глобал трејд ДММ ДООЕЛ. Во дописот, автсрискиот амбасадор наведува дека Глобал трејд е фирма во сопственост на Емилија Заева Костова. Таа е сопруга на сопственикот на ДЕНА продукт, но е и братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, наведува амбасадорот Георг Вутсас.
Според дописот од австриската амбасада, сопружниците сопственици на ДЕНА продукт и Глобал Трејд успеале да избегнат две присилни извршувања врз нивниот имот со манипулирање на податоците во Катастарот. Како капак на се, закажале јавна аукција на две оранжерии на 10-ти јули во Кавадарци, која доколку биде спроведена, АММА нема да може да ги наплати своите побарувања. Во јавниот допис насловен „Повик за владеење на правото“, амбасадорот смета дека потфрлиле и судиите и обвинителите каде австриските инвеститори пријавувале дека не се почитува арбитражата и наплатата на долгот. Не се почитуваат ниту судските одлуки за замрзнување на имотот.
Дали ДЕНА и Глобал го заробиле судството и правните службеници? Како последица, Амбасадорот Георг Вутсас во писмо испратено неодамна побара од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители итна смена на сите некомпетентни и пристрасни судии и обвинители во овие случаи. Секаков притисок или влијание се спротивни на независноста на судството и мора да бидат пријавени за понатамошно постапување, се вели во јавниот допис на амбасадорот Георг воутсас.
Австриската АММА Хоенемс која работи на големо со дистрибуција на земјоделски производи склучила договор со ДЕНА на зетот на Зоран Заев за повеќе милиони евра. Валандовската фирма требало на големо да набавува корнишони од прва класа за Австријците. Фокус веќе објави дека екслузивниот договор ДЕНА го прекршувала со тоа што производот го продавале на германски конкурент на пазарот. Иако вложиле во технологија и семиња на ДЕНА, кога ја откриле измамата покренале спор пред меѓународен суд во Виена и добиле отштета од 4,5 милиони евра. Тогаш почнале македонските судски игри. Но, австрискиот амбасадор Вутсас не се откажува и најави дека ќе се појави на лицитацијата на 10-ти јули во Кавадарци и го повикува и државниот обвинител Јовевски и граѓаните да дојдат таму и заеднички да се борат против корупцијата.