Црвениот крст на Австрија денеска донираше преку 14.000 евра во електрични болнички кревети, наткасни и друг медицински инвентар. Донацијата е наменета за здравствените установи, но во најголем дел за Клиничкиот центар Скопје и Клиничката болница Тетово.
Донацијата ќе се распределува врз основа на барањата и потребите на здравствените установи. Списокот на болниците е веќе направен, но дополнително ќе се утврди кои од нив, општи и клинички, ќе добијат донација. Со австрискиот Црвен крст имаме долгогодишна соработка и заедничка цел – подобрување на здравјето на населението, здравствените услуги и здравствениот систем воопшто, изјави ресорниот заменик-министер Јовица Андовски.
Во изминатите четири години Црвениот крст на Австрија обезбеди 300 електрични болнички кревети за македонските здравствени установи.
Денешната донација е потврда за улогата на Црвениот крст во општеството, неговото партнерство со државата, општествено-одговорното однесување и грижата за доброто функционирање на здравствениот систем, истакна генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити.
Денес ќе бидат згрижени околу 200 семејства
Околу 200 семејства од Шипковица, Голема и Мала Речица кои се најоштетени по поплавите кои го зафатија тетовско денес ќе бидат згрижени од страна на Црвен крст на Македонија.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити, истакна дека веќе се обезбедени и првичните количини вода, храна, средства за хигиена, дезинфекција и ќебиња.
Нашите тимови се постојано на терен, даваат препораки и во целост ја следат состојбата, истакна Саити по денешното примање на донацијата од австрискиот Црвен крст за македонските болници.
Состојбата во тетовско се следи континуирано и од здравствен аспект. Направен е целосен увид во водоводната и канализациската мрежа. По расчистувањето на теренот, ќе почне и дезинфекцијата.
Уште вечерта кога се случи катастрофата, тимовите отидоа на терен. Покрај локалните, вклучивме и екипи од здравствените домови во Скопје и Гостивар, а пристигнаа и специјалистите по хигиена и епидемиологија од Регионалниот центар за јавно здравје во Тетово. Сите институции вклучени во Координативното тело што го формира Владата, максимално ги ставија на располагање своите расположливи средства за настраданите, рече заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.
За состојбата во тетовско, заклучно со вчера, помош до Црвен крст на Македонија понудиле Црвент крст од Албанија и од Бугарија.
Денешниот и утрешниот ден во Општина Тетово се прогласени за денови на жалост.