Австрискиот канцелар во одбрана на разговорите на францускиот и германскиот челник со Путин

Австрискиот канцелар Карл Нехамер застана во петокот во одбрана на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц поради нивните телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин по руската воена интервенција во соседна Украина.

„Мојот став е дека секогаш, дури и во војна, е потребно да се разговара со сите страни кои се вклучени во судирот. Влоговите се големи“, изјави Нехамер по средбата со естонската премиерка Каја Калас во Талин.

Телефонските контакти на Шолц и Макрон со Путин, смета Нехамер, биле неопходни за да се дискутира за прашањата за безбедните коридори за храната, размената на затвореници меѓу завојуваните страни и за хуманитарната помош.

„Мислам дека е исправно и важно претседателот Путин веднаш и директно да се соочи со своите воени злосторства“, рече Нехамер во обидот да ги одоброволи домаќините кои имаат сосема спротивни ставови.

Калас, која беше домаќинка на австрискиот канцелар, го повтори својот став дека се противи на директни контакти со Путин.

Челничката на Естонија, земја којашто некогаш беше дел од СССР и во својата земја има голема руска заедница (околу 25 отсто) на којашто е обвинета дека не ѝ дава граѓански права и образование на мајчин јазик и граничи со Русија, рече дека смета оти „нема смисла да се разговара“ со Путин и оти се сомнева дека тој „има добри намери“.

Шолц и Макрон повеќепати разговараа откако претходно по еднаш лично во Москва се сретнаа со Путин, откако на крајот од февруари Русија ја започна својата, како официјално ја нарекува „специјална воена операција за демилитаризација и денацизација“ на Украина.

Нивните разговори беа остро критикувани од страна на украинските функционери, а особено жестоко од полскиот претседател Анджеј Дуда кој ги спореди како разговори во Втората светска војна со германскиот нацистички водач Адолф Хитлер.