Австрискиот канцелар Карл Нехамер во понеделник ќе отпатива во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, објави во неделата портпаролот на австриската влада.
Нихамер со тоа ќе биде првиот европски челник кој ќе се сретне со Путин во Москва од почетокот на руската офанзива во Украина на 24-ти февруари
„Ќе отпатува откако за тоа ги информираше Берлин, Брисел и украинскиот претседател Владимир Зеленски, за да го поттикне дијалог“, соопштија од австриската влада.
Австрискиот канцелар Нехамер во саботата ја посети Украина за да ѝ изрази поддршка на украинската влада и се сретна со претседателот Зеленски. По доаѓањето во Киев, за новинарите изјави дека злосторствата во предградието Буча мора целосно да ја истражат независни меѓународни стручњаци.
Австрија, којашто е воено неутрална па така не е членка на НАТО, досега меѓу другото на Украина ѝ додели 10.000 шлемови и 9.000 заштитни елеци за цивилни потреби.
Истовремено, како и Германија, и Австрија е една од државите членки на Европската унија којашто досега го одбија украинското барање да го забрани увозот на гас од Русија. Австрија 80 отсто од своите потреби ги задоволува со увоз на рускиот гас.
Виена, по колебање, оваа седмица се придружи на другите земји во ЕУ и протера четворица руски дипломати.
Речиси пет милиони од околу 44 милиони Украинци ја напуштиле земјата од почетокот на војната. Од нив околу 51.000 бегалци досега се пријавени во Австрија, главно жени и деца.