Австрискиот претседател нѝ порача да не ги драматизираме уставните измени

Претседателот на Австрија Александер Ван дер Белен на заедничката прес-конференција со својот домаќин претстедателот на Македонија Стево Пендаровски беше запрашан дали ќе ја убедува ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставни измени со кои бугарското малцинство ќе влезе во Уставот. Тој одговори дека нема да се меша во внатрешно – политичките односи, но смета дека во парламентот сериозно ќе се размисли за тоа прашање.

„Северна Македонија е пример во регионот на почитување на малцинствата, не само на албанското, туку на сите малцинства. За да може земјава кон ЕУ да напредува уште повеќе, добро е за уставни измени сериозно да се размисли и во таа насока да се носат одлуки. Имам разбирање за фрустрацијата поради долгото стоење пред вратите на ЕУ. Но би рекол, овој нов моментум на забрзувањето и на зајакнатиот интерес на ЕУ треба да се искористи, за да не се загуби на време. Денес во парламентот на Северна Македонија ќе држам говор и во оваа ситуација ќе ги замолам и сите пратенички групи со многу длабоко размислување да постапат при ова прашање и да размислат што долгорочно стои на ризик, имајќи на ум дека заштитата на малцинствата во Северна Македонија и онака е нешто што се подразбира, така што овој следен чекор сега не би требало да биде драматизиран, според мене“, кажа Ван дер Белен на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Стево Пендаровски“.

Претседателот Стево Пендаровски смета дека нема да пропадне Македонија, ако малобројната бугарска етничка заеница влезе во Уставот.

„Нема да пропадне државата ако ги вметнеме Бугарите во Уставот кои на број се нешто над 3 илјади луѓе. Македонската сувереност нема да се загрози, ниту пак европскиот пат ако се направи овој чекор“; рече Пендаровски со порака дека за да се достигне потребното двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени е потребно да се разговара со опозицијата.

„Не постои друг пристап освен разговори“, рече Пендаровски.

Во врска со формирањето на експертска група за изготвување на уставни амандмани и дали, ако ВМРО-ДПМНЕ одбие учество со свои членови, тој ќе предложи свои членови и ќе повика на лидерска средба, Пендаровски рече:

„Ако опозицијата реши да не учествува ниту на експертско, ниту на политичко ниво, бескорисно ќе биде јас да се понудам за решавање на проблемот. Можам само да ја повикам опозицијата да учествува и можам да потсетам дека всушност зборуваме за прашања кои сме ги решиле пред дваесетина години со формулација  ‘делови од народ’“, рече Пендаровски.