Засега неидентификуван возач во понеделникот вечерта влетал во пицерија во гратчето Сен-Сор, 65 километри источно од француската престолнина Париз, при што загинало осумгодишно девојченце а уште осум лица се повредени, од кои некои се во тешка состојба.
Како што пренесе радиото Europe1, возачот на автомобилот бил уапсен. Според фотографиите објавени на социјалните мрежи од инцидентот во департманот Сен-е-Марн, источно од Париз, станува збор за сребренест автомобил BMW кој влетал во пицеријата „Cesena“.
„Има најмалку една жртва, осумгодишно девојче, кое било со своето семејство. Уште пет лица се повредени, но нема засега потврда за тежината на нивните повреди“, се наведува во извештајот на телевизијата BFM TV.
Инцидентот се случил вечерта во понеделникот во индустриско-трговска зона на крајот од Сет-Сор. Полицијата засега не го соопштува идентитетот на возачот за кој очевидци велат дека го насочил својот автомобил кон локалната полицијата. Полициски извори единствено потврдиле за телевизијата дека тој е притворен.
Во истрагата за овој инцидент се вклучени и припадници на француската жандармерија, бидејќи се случил во областа од нивната одговорност. Верзијата за терористички напад засега официјално не се истражува.