Автомобилите во Чешка најмногу ја загадуваат животната средина од сите други држави во ЕУ, а најмалку штета на околината предизвикуваат автомобилите во Шведска, покажало истражувањето извршено од британската организација Еко Експерти.
Таа ја изработила листата врз основа на податоците на Европското здружение на производители на автомобили (ЕМАА) и Светската здравствена организација, а при што како параметри се земени просечната старост на автомобилите, бројот на возила на илјада жители, процентот на возила на алтернативни горива и општото загадување на воздухот.
Најтоксични возачи во ЕУ се Чесите кои не само што го имаат шестиот најмал процент на автомобили на алтернативни извори (0,7 проценти), туку го поседуваат и еден од најстарите возни паркови во Европската унија (просечна старост на возилата 14,5 години), па не зачудува што воздухот во Чешка е трет по загадување на континентот.
На второто место на листата се Полјаците, а следат Естонија, Хрватска и Словачка.
„Најчист“ сообраќај има во Шведска, каде е забележана и најмала загаденост на воздухот, по што следат останатите Скандинавски држави и Ирска.
Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во својот извештај од минатата година наведува дека воздухот предизвикува повеќе од 500 илјади предвремени смртни случаи годишно во Европа, но овој број се намалува.
Според податоците на EAMA од 2015 година, во ЕУ вкупно се користат 294 милиони возила, а нивната просечна возраст е 10,7 години.