Најголемиот руски производител на автомобили „Автоваз“, кој запре дел од производството поради санкциите и недостигот на компоненти, соопшти дека на работниците во фабриката во Ижевск им нуди еднократна исплата од околу 3.000 долари за доброволно да си заминат.
„Автоваз“ го обнови производството на некои од своите популарни модели на „Лада“ во главната фабрика во Тољати во јуни, откако делумно го прекина производството во пролетта поради недостиг на електронски делови поради санкциите од Западот, пренесе Ројтерс.
Компанијата, чиј долгогодишен акционер Рено во мај го продаде сопственичкиот удел на руски инвеститор, не можеше да го рестартира производството на моделот Лада Веста, поради што во март испрати 3.200 вработени од својата фабрика во Ижевск на платен одмор.
Производителот на автомобили „Автоваз“ во средата предложи работниците во фабриката во Ижевск, град со околу 645.000 жители лоциран на околу 1.200 километри источно од Москва, или да најдат нови работни места во компанијата или да дадат отказ по заеднички договор.
На оние кои ќе одлучат да заминат, ќе им биде понудена еднократна отпремнина во вредност од околу пет до седум просечни месечни плати или околу 12 минимум, што беше одобрено од државата. Максималната исплата би била 183.348 рубли (3.161 долари).
„Автоваз“ нагласува дека компанијата не планира масовни отпуштања, а предложените мерки се чисто доброволни за секој вработен“, соопштуваат од компанијата.