Азески: Немаме видено развоен буџет од 1992 година

-Треба да продолжи континуитетот на правната проблематика за време на владеењето на една власт, а дали ќе се злоупотреби, е друго прашање и за тоа треба да постојат институции што ќе го санкционираат. Тоа го изјави денеска претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески во врска со вчерашната најава на премиерот Христијан Мицкоски, дека на следната владина седница, во среда, ќе се формира ад-хок тело кое ќе испитува „како претходната влада поделила 100 милиони евра без критериуми за наводна поддршка на компаниите во време на КОВИД кризата“.

Како што истакна Азески одговорајќи на новинарско прашање, ставот на Комората во однос на криминалот, корупцијата и сивата економија, е толеранција нула.

-Ова е политичко прашање. Македонија има три диспаритети. Едниот е меѓу капиталот и трудот. Капиталот, односно сопствениците, мислат дека работниците не работат доволно, обратно, тие мислат дека не се доволно платени и тоа егзистира. Второто е, диспаритетот меѓу активното и издржуваното население за кое сите знаеме како се рефлектира, ја одржува сивата економија на високо ниво. Трето прашање, ова што го поставивте, значи дека треба да продолжи континуитетот на правната проблематика и правните прашања за време на владеењето на една власт, а дали ќе се злоупотреби, тоа е друго прашање. И за тоа треба да постојат институции што тоа ќе го санкционираат. Ставот на Стопанската комора во однос на прашањето за криминалот, корупцијата и сивата економија, тој корпус прашања е толеранција нула, рече Азески кој претходно имаше работен состанок со министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Во врска со ребалансот што го објави Владата, Азески кусо одговори дека развоен Буџет сме немале од 1992 година.

-Развоен Буџет немаме видено од 1992 година и тука мислам дека е излишна секаква дискусија, нагласи претседателот на Комората.