
Нов бран зарази со коронавирусот се шири низ Азија, луѓето од Нов Зеланд до Јапонија се предупредени да преземат мерки за претпазливост за да го забават избувнувањето на епидемијата и да се спречи преоптовареноста на здравствените системи во регионот.
Повторениот раст на бројките на заразените, главно со подваријантите BA.4/5 на омикрон сојот на коронавирусот, претставува дополнителен предизвик за властите кои се справуваат со економските последици од претходните бранови на пандемијата, додека се обидуваат да избегнат продолжување или повторно воведување на непопуларните строги мерки на ограничувања.
Новозеландската влада во четвртокот најави делење бесплатни маски и брзи антигенски тестови, додека се обидува да го ублажи притисокот врз здравствениот систем на земјата, кои се справува со прилив на заболени од Covid-19 и грип во текот на зимата која е во тек на јужната хемисфера.
„Недвосмислено е дека комбинацијата на остриот раст на случаите на Covid-19 и хоспитализации, најлошата сезона на грипот во последно време и недостигот од кадар поради болести, ги става здравствените работници и целиот здравствен систем под голем притисок“, истакнува министерката за одговор на Covid-19, Ејиша Верал во писмена изјава.
Нов Зеланд, со 5,1 милиони жители, во моментов бележи речиси 60.000 заразени. Од нив 765 се згрижени во болниците, што предизвикало подолго чекање и откажување операции.
Во Јапонија новите случаи на Covid-19 пораснале до нивото коешто не е регистрирано од почетокот на годинава. Владата во Токио го повика населението на особена претпазливост пред претстојниот продолжен викенд и скорешниот летен училиштен распуст.
Јапонија во средата извести за речиси 95.000 нови зарази, а бројката новозаразени се зголемил за 2,14 пати во споредба со претходната седмица, според портпаролот на владата.
„Бојот нови случаи расте во секоја јапонска префектура и се чини дека брзо расте“, изјави министерот за здравство Шигејуки Гото на почетокот на состанокот на комисијата за борба против коронавирусот.
Главниот град Токио го подигна степенот на приправност од епидемија на највисокото ниво.
„Утре ќе одржиме состанок на работната група за да решиме за мерките кои ќе ги преземеме ова лето, земајќи го предвид националниот тренд и мислењата на стручњаците“, изјави гувернерот на префектурата на јапонската престолнина Јурико Коике на споменатиот состанок.
Како и Нов Зеланд, и Јужна Корена беше фалена за нејзиниот одговор на почетокот од пандемијата пред две години, но од средата дневната бројка новозаразени за трипати се зголемил за една седмица, на повеќе од 39.000 лица.
Властите и експертите очекуваат дека дневната бројка заразени во Јужна Кореја ќе достигне 200.000 од околу средината на август до крајот на септември и го прошируваат вакцинирањето со дополнителните „бустер“ дози, но не планираат повторни ограничувања.
Австралија предупреди дека може да биде погодена со најлошата епидемија на Covid-19 во следните неколку седмици, поттикната од подваријантите BA.4/5 на омикрон сојот. Властите навестија дека може да се очекуваат „милиони“ нови инфекции, но отфрлија секакви ограничувања за сузбивање на ширењето.
„Отидовме подалеку од тоа,,, не сме во ерата на локдаун и такви нешта“, изјави сојузниот министер за здравство Марк Батлер во четвртокот радиото 2GB, иако ги повика Австралијците повторно да размислат за работа од дома.
Болничките приеми во Австралија веќе се движат близу нивоата забележани во последното големо избувнување на омикрон сојот претходно годинава, а тамошниот здравствен систем, исто така, е под притисок на високиот број на заразените со Covid-19 и со грип.
Континентална Кина во јули пријавува просечно по над 300 локално пренесени зарази со коронавирусот на дневно ниво, што е повеќе од 70 во јуни, имајќи предвид дека кинеската строга политика на „нулта случаи на коронавирусот“ помага во одржувањето на локалните кластери под контрола и ја спречува преоптовареноста на болниците.