Азиските берзи кон седмична загуба, доларот јакне а нафтата стагнира

На азиските берзи во петокот се тргува претпазливо, бидејќи поради високата инфлација и зголемените каматни стапки вложувачите не се наклонети кон ризик, па берзанските индекси се на патот да остварат загуби оваа седмица.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките берзи без јапонските, околу 7 часот беше во минус од 0,1 отсто, па се движи кон седмична загуба од околу 1 отсто. Утрово на Токиската берза индексот Nikkei стагнира, додека цените на акциите во Австралија и Хонгконг пораснаа меѓу 0,1 и 0,4 отсто. Во Шангај и Јужна Кореја, пак, паднаа за меѓу 0,1 и 0,3 отсто.

Вложувачите на наоѓаат причина за купување на акциите, имајќи ја предвид ситуацијата во регионалните, како и во најголемите светски економии. Американската економија технички е во рецесија, а рецесијата поради енергетската криза ѝ се заканува и на еврозоната, додека растот на азиските економии, особено на кинеската, забавува.

Од друга страна, централните банки поради високите инфлации ги подигнуваат клучните каматни стапки, што дополнително ќе го забави растот на националните економии.

На валутниот пазар вредноста на доларот во однос на кошницата валути дополнително порасна, бидејќи челниците на американската централна банка Federal Reserve (Fed) пред конференцијата во Џексон Хил порачуваат дека е неопходно натамошно зголемување на каматните стапки за да се сузбие инфлацијата.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 107,62 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 106,57 поени. Од почетокот на седмицата индексот на доларот порасна за околу 1,8 отсто.

Притоа курсот на доларот во однос на јапонската валута од вчерашните 134,90 порасна на 136,35 јени.

Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0075 долари, додека во четвртокот во истиот период од денот изнесуваше 1,0185 долари.

Еврото се најде под притисока откако во четвртокот беше објавен податокот за новото рекордно ниво на инфлацијата во еврозоната и пораката на Европската централна банка (ECB) за натамошно зголемување на клучните камати.

Цените на нафтата, пак, во петокот во раното претпладневно тргување стагнираат. Цента на барелот на лондонскиот пазар се движи околу 96,60 долари, а на американскиот околу 90,55 долари.