На азиските берзи во понеделникот утрото цените на акциите пораснаа, бидејќи вложувачите беа охрабрени од растот на њујоршки Волстрит во петокот, додека вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути се лизна од највисокото ниво во последните 20 години.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу 7 часот беше во плус 1,4 отсто, откако минатата седмица потона за 3,5 отсто и се нурна на најниските нивоа последните две години.
Утрово во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонгконг цените на акциите пораснаа за меѓу 0,2 и 2,4 отсто, додека на Токиската берза не се тргува поради празници.
Вложувачите на азиските берзи се охрабрени од силниот раст на цените на акциите на Волстрит во петокот, со што беше прекината негативната низа од четиридневен пад.
Причина за тоа беше ублажувањето на стравовите на вложувачите од зголемувањето на каматните стапки на американската централна банка Federal Reserve (Fed) за цел процентен поен, откако неколку нејзини функционери порачаа дека се залагаат за зголемување на цената на парите за 0,75-процентни поени. Но и тоа претставува многу агресивно зголемување на клучните каматни стапки, па на пазарите не владее еуфорија.
Уште повеќе што се очекува расплетот на ситуацијата во Европа во врска со снабдувањето со природен гас од Русија. Во четврток, по редовното годишно одржување на мрежата, би требало повторно да биде ставен во функција гасоводот Северен тек 1, клучната рута за испораки на енергенсот од Русија до Германија, и натаму на континентот.
„Доколку дотокот на гасот не биде обновен во значителна мера, цените на гасот во Европа силно ќе пораснаа, што ќе ги натера Германија и другите земји на рационализирање на користењето на енергијата. Во тој случај очекуваме длабока рецесија. Но веруваме дека дотокот на гасот ќе биде обновен“, вели за Reuters Тејлор Нагент, економист во NAB.
Во атмосфера на таква несигурност во четврток седница ќе одржат челниците на Европската централна банка (ECB), коишто според најавите, првпат по 2021 година ќе ги зголемат клучните каматни стапки за 0,25-проценти поени. Во септември, пак, може да се очекува и поголемо зголемување на цената на парите, имајќи предвид дека инфлацијата во еврозоната достигна рекорди 8,6 отсто.
Доларот ослабе, нафтата порасна
На валутниот пазар во понеделникот утрото вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна, откако минатата седмица ги соборуваше највисоките нивоа во последните 20 години.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест важни светски валути, се движи околу 107,78 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 108,05 поени.
Притоа, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од 138,55 на 138,35 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0105 долари, додека во петокот вечерта изнесуваше 1,0080 долари.
Но закрепнувањето на еврото е несигурно, целат аналитичарите, бидејќи на еврозоната ѝ се заканува рецесија поради високата инфлација и енергетската криза. Европската валута е под притисок и поради неизвесноста во врска со снабдувањето на Европа со руски гас.
„Доколку не биде обновена испораката на гасот, еврото во однос на доларот би можело да падне за најмалку 2 отсто“, проценува Џозеф Капурсо, економист во компанијата CBA.
Цените на нафтата, пак, утрово пораснаа по минатонеделниот пад од 5 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар порасна за 0,72 отсто на 101,89 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапи за 0,39 отсто, на 97,97 долари.