На азиските берзи во средата цените на акциите паднаа, додека курсот на еврото во однос на американскиот долар е на најниското ниво во последните две децении, бидејќи на еврозоната ѝ се заканува рецецесија, имајќи предвид дека поради високата инфлација Европската централна банка (ECB) наскоро ќе ги зголеми каматните стапки.
МSCI индексот на акциите во азиско-пацифичкиот регион, без јапонските во 7 часот утрото беше во минус од 0,8 отсто. Притоа, на Токиската берза индексот Nikkei падна за 1,1 отсто, додека цените на акциите на берзите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг се лизнаа за 0,3 и за 1,3 отсто.
Азиските берзи го следат вчерашниот пад на европските пазари на хартии од вредност за речиси 2 отсто, откако новите податоци покажаа дека растот на економиите во еврозоната чувствително забавува.
Од друга страна, пак, поради западните санкции против Русија, главниот снабдувач со гас во Европа, силно растат цените на овој енергенс. Тоа, пак, ја поттикнува инфлацијата, којашто во еврозоната се движи на рекордни нивоа, над 8,5 отсто, што може да ја наведе ECB на поагресивно зголемување на каматите отколку што беше најавено.
Рецесија во еврозоната?!
Поради тоа, на еврозоната ѝ се заканува рецесија, па курсот на доларот во однос на доларот ноќта кон средата падна на најниското ниво речиси откако е воведена заедничката европска валута.
„Сѐ погласни се тапаните кои предупредуваат на ризик од рецесија. Моментално најдобра стратегија за одбрана е дефанзивата, бидејќи во рецесијата секакви работи може да излезат од шифоњерот“, предупредува во коментарот за Reuters Џејсон Тех, директор во компанијата „Vertium Asset Management“.
„Последните 16 дена цените на гасот во Европа пораснаа за 100 отсто, па ЕCB е пред големи предизвици. Поради високата инфлација, би требало значително да се зголемат каматните стапки, меѓутоа, од друга страна, растот на економиите забавува. Мислам дека веќе не е прашање дали ќе има рецесија, туку колку длабока ќе иде и колку ќе трае“, вели Крис Вестон, директор за истражување во брокерската куќа „Pepperstone“.
Ништо подобра не е ситуацијата ниту во Велика Британија. Уште повеќе што владата во Лондон се најде во големи проблеми по синоќешните оставки на министрите за здравство и за финансии.
„Британија е во опасност следната година да го има најбавниот раст меѓу сите развиени економии во светот, и тоа со висок стапка на инфлација и најголем дефицит во платниот биланс“, пишуваат аналитичарите на банката „Societe Generale“ во дневниот осврт на ситуацијата на пазарите.
Настабилност на Волстрит
Азиските вложувачи ги вознемири и вчерашната нестабилност на њујоршки Волстрит. Иако технолошкиот индекс S&P500 заврши во благ „плус“, во првиот дел од тргувањето беше во „минус“ од повеќе од 2 отсто, а подоцнежното закрепнување и не влева многу доверба.
Тоа е последица од стравувањето на инвеститорите од рецесија, бидејќи поради високата инфлацијата американската централна банка Federal Reserve (Fed) агресивно ги зголемува референтните каматни стапки.
Во првото тримесечје годинава американската економија падна на квартално ниво, а ниту макроекономските податоци во второто тримесечје не блескаат. Во јули, пак, се очекува натамошно зголемување на каматните стапки.
Веќе во среда во фокусот на вложувачите ќе биде објавувањето на записникот од последната седница на Feed на којашто централната банка ги зголеми клучните камати за 0,75 процентни поени. На пазарите се очекува дека и во јули Fed ќе ги зголеми каматите за 0,75 процентни поени, имајќи предвид дека инфлацијата во САД се движи на највисоките нивоа по повеќе од 40 години.
А дали се надзира олабавување на инфлацијата би можело во петок да покаже извештајот за вработувањето и висината на дневниците во САД во јуни.
Доларот најсилен во 20 години, цените на нафтата во раст
Во ваквата атмосфера на берзите, на валутниот пазар вредноста на американскиот долар во однос на кошницата други национални валути достигна ново највисоко ниво во 20 години.
Индексот на доларот, која ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 106,46 поени, додека во вторникот во истиот период од денот изнесуваше 105,19 бодови.
Притоа, курсот на доларот во однос на јапонскиот јен се лизна од вчерашните 136,20 на 135,20 јени. Но американската валута значително зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0260 долари, близу најниската граница од крајот на 2002 година, додека во вчерашното тргување во истиот период од денот изнесуваше 1,0435 долари.
Притисокот врз еврото е последица на високата инфлација во еврозоната и забавувањето на растот во националните економии во еврозоната, што, според аналитичарите, води во рецесија.
Цените на нафтата, пак, малку пораснаа, откако во вторникот потонаа за повеќе од 8 отсто, бидејќи играчите на пазарите стравуваат дека рецесијата ќе предизвика пад на побарувачката на енергенсот.
Цената на барелот во средата утрото зајакна за 1,14 отсто, на 103,95 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапи за 0,82 отсто, на 100,32 долари.