Азиските вложувачи претпазливи, доларот јакне а нафтата паѓа

На азиските берзи во четвртокот се тргува претпазливо, додека вложувачите ги очекуваа вестите за тоа дали Европа повторно ќе го добива рускиот гас преку гасоводот Северен тек ѝ и за колку Европската централна банка (ECB) ќе го зголеми клучните каматни стапки.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции без јапонските, околу 7 часот утрото по македонски време беше во минус од 0,3 отсто, губејќи дел од вчерашните добивки.

Притоа, на Токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,2 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја пораснаа за 0,5 отсто. Во Австралија, Шангај и Хонгконг, пак, акциите паднаа за меѓу 0,2 и 1,3 отсто.

Поддршка на пазарите им даде вчерашниот раст на њујоршки Волстрит, втор ден со ред, благодарејќи на подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на компаниите.

Денеска, пак, во фокусот на вложувачите ќе биде редовната седница на челниците на Европската централна банка (ECB), кои ќе решаваат за првото зголемување на клучните каматни стапки од 2011 година, за да се сузбие рекордно високата инфлација на континентот, особено во еврозоната. Досега од ECB порачуваа дека каматите ќе бидат зголемени за 0,25-процентни поени, но последните денови беа разгледувани и можностите за зголемување на каматите и за 0,50 отсто.

Денеска, исто така, по десетдневното редовно одржување, започна протокот на гасот низ гасоводот Северен тек 1 од Русија во Европа, што може да има позитивен одраз на азиско-пацифичките берзи до крајот на трговскиот ден. Имено, со денови се стравуваше дека Русија може дополнително или дури целосно да ги запре испораките на гасот, што бездруго дополнително ќе го поттикнеше растот на цените и ќе ја турнеше Европа во рецесија. Последните вести, сепак, говорат дека испораките на гасот во четвртокот се на нивото од пред почетокот на техничкото одржување.

 

Доларот зајакна, цените на нафтата паднаа

На валутниот пазар во четвртокот вредноста на американскиот долар во однос на кошницата најважни светски валути порасна, по трите дена пад.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на другите шест најважни за пазарите светски валути, се движи околу 106,95 поени, додека во средата во истиот период од денот изнесуваше 106,55 поени.

Притоа, курсот на доларот кон јапонската валута порасна од вчерашните 138,10 на 138,235 јени, откако челниците на јапонската централна банка Bank of Japan (BoJ), од редовната седница порачаа дека монетарната политика останува непроменета, исклучително поттикнувачка.

Американската валута зајакна и во однос на европската, на цената на еврото се лизна на 1,0210 долари, додека во средата во истиот период од тргувањето изнесуваше 1,0245 долари.

Цените на нафтата, пак, утрото во четвртокот паднаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар се намали за 0,76 отсто, на 106,10 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 0,91 отсто, на 98,95 долари.