Јазот меѓу регионите сѐ подлабок, Скопје останува центарот на парите

И покрај речиси триесет години самостојност, Македонија сѐ уште не успева да се издвои од најдолната група, таканаречени „региони во развој во светот“, најмногу поради недоволните стапки на економски раст и големите разлики што постојат на регионално ниво.

Така е и според најновиот извештај на УНДП на нееднаков развој, каде Македонија е рангирана во групата на региони во развој и е во неколкуте европски држави кои им прават друштво на земји од Азија, Африка, Латинска Америка, Блискиот исток. Односно, Македонија е на 82. позиција. Земјите од соседството котираат многу подобро. Поточно, за споредба, Словенија е на 24 позиција, Грција на 32, Хрватска на 46, Црна Гора и Бугарија на 52, Србија на 63, Албанија на 69, а БиХ на 75 место. Во Извештајот се издвоени факторите кои влијаат врз нееднаквиот развој во Македонија, а клучен е различниот пристап до можностите, како што е пристапот до здравствена заштита, до пазарот на труд, до образование…

Всушност, овој Извештај на УНДП и не укажува на нешто непознато за македонската јавност. Слични информации со години наназад пласира Државниот завод за статистика во своите извештаи, при што скопскиот останува најразвиен, источниот најмизерен регион. И покрај спроведената децентрализација, зголемените буџети на општините, многуте слободни економски зони во речиси секој поголем град, владите не успеаја да го намали јазот меѓу регионите во земјава.
Според статистиката, генерално, разликите во регионалниот развој, не само што не се намалуваат или изедначуваат, туку се продлабочуваат низ годините. Скопскиот регион беше и останува најразвиен во секој поглед. Тука е сѐ концентрирано. Населението е најбројно, 629.215 жители, од вкупното во државата 2.076.217, најголем е бројот на образовни и на секои други институции, на деловни субјекти, најдобар е пристапот до здравственуте услуги, најмногу се гради, има најдобра инфраструктура… најмногу инвестиции… па, оттаму, Скопскиот регион и најмногу учествува во вкупниот бруто домашен производ на државата. Во 2016 година, најголемо учество во БДП на Македонија има Скопскиот Регион со 43.1 отсто, додека најмало имал Североисточниот регион со 5 отсто. Сите други региони имаат бруто-домашен производ под просекот. И активни деловни субјекти има најмногу во Скопскиот регион. Во 2018 година имало 72. 315 деловни субјекти што е 38.2 отсто од вкупниот број во земјава.

Крива Паланка

Разлики во регионите има и во старосната структура. Најголемо учество на младо население (0-14 години) има во Скопскиот, а најмало во Источниот регион. Учеството на старото население (65+години) е најголемо во Пелагонискиот, а најмало во Полошкиот Регион. Во пет региони во државава, како резултат на неповолната старосна структура и нискиот фертилитет, бројот на умрените го надминува бројот на родените.

И стапките на вработеност и невработеност се разликуваат на регионално ниво.  Во 2018 година највисока стапка на вработеност имало во Југоисточниот регион, 60.2, а највисока стапка на невработеност во Североисточниот регион.

Кој и колку е виновен за овие регионални диспропорции. Владините политики или градоначалниците на општините, или и едните и другите. Дали се недоволно средствата кои се издвојуваат од државната каса, или пак тие се распределуваат нерамномерно, на што постојано се жалат градоначалниците од нерзавиените општини. Дали одат на вистинското место оние 1 отсто годишно од БДП или околу 80 милиони евра, на што се обврзани владите да им ги префрлаат на неразвиените општини годишно или милионите евра одат во друг правец?

Од друга страна, и тамошните општини во неразвиените региони не можат колку што треба да користат други пари за развој од странски фондови. Руралните и пограничните општини велат дека немаат пари и затоа не се ни обидуваат да аплицираат за проекти од фондовите на ЕУ, затоа што не можат да си ја платат котизацијата.

Североисточниот регион со општините Куманово, Крива Паланка, Ранковце, Старо Нагоричане, Липково и Кратово отсекогаш е најнеразвиениот во државава. Неодамна, во соработка со Министерство за локална самоуправа и Швајцарската агенција за регионален развој во Куманово беше одржана дводневна Меѓународна конференција за политиките и имплементација на рамномерен регионален развој во РС Македонија“. Учесниците заклучија дека во изминатите години не биле искористени одредени средства наменети за општини, бидејќи од 30 мали урбани и рурални општини, во ниту две третини немало соодветни проекти, како и дека градоначалниците немале соодветна техничка документација, урбанистички планови, за една дозвола се чекало по неколку месеци, за урбанистички план година до две и слично, што е пречка за користењето на средства од европските фондови.