Бајден ја одложи посетата на Германија и на Ангола поради ураганот Милтон

Американскиот претседател Џо Бајден го одложи планираното патување во Германија и во Ангола со цел да остане во Белата куќа за да ги следи можните последици од ураганот Милтон, кој се приближува до Флорида, соопшти денеска Белата куќа.

Засега нема информации кога претседателот, чиј мандат завршува во јануари, планира да ги оствари тие патувања.

Бајден се очекуваше да пристигне во Берлин в четврток вечер за да се сретне со германскиот канцелар Олаф Шолц и со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер. Потоа планираше да отпатува во сабота во западната германска покраина Рајнланд-Пфалц, каде што требаше да биде домаќин на самитот за Украина во американската воздухопловна база во Рамштајн.

Портпаролот на германската влада Штефан Хебестрајт изрази жалење што средбата со Бајден се одложува и истакна дека Берлин „ ја разбира ситуацијата на Флорида“.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека Бајден го одложува патувањето „со оглед на проектираната траекторија и силата на ураганот Милтон“.

Ураганот Милтон, бура од четврта категорија што се упати кон југоисточниот дел на Соединетите Американски Држави, може да биде најлошата што ја погодила Флорида во изминатиот век, изјави денеска претседателот Џо Бајден.

„Дај Боже да не биде, но така изгледа во моментов“, им рече Бајден на новинарите во Белата куќа.