Американскиот претседател Џо Бајден се залага актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен да биде следниот генерален секретар на НАТО, откако Белата куќа ја блокирала кандидатурата на британскиот министер за одбрана Бен Валас, открива весникот The Telegraph.
Во вторникот сојузниците во НАТО се договорија за уште една година да го продолжат мандатот на Јенс Столтенберг до есента 2024 година, откако веќе неколкупати претходно му беше продолжуван.
Како што наведува The Telegraph, челниците во НАТО се надеваа дека ќе постигнат договор за наследникот на Столтенберг на годишниот самит во литванската престолнина Вилнус следната седмица, но според весникот, очигледно не бил постигнат договор за кандидатот.
Неименуван извор од НАТО изјавил за весникот дека американскиот претседател Бајден се обидува да ја убеди фон дер Лејен, поранешна министерка за одбрана на Германија во една од владите на канцеларката Ангела Меркел, да го наследи Столтенберг на должноста поради стравувањата дека ниту следните 12 месеци нема да се појави соодветен кандидат за исклучително важната позиција, имајќи ја предвид војната на Русија во Украина и растечките тензии на западните земји со Кина.
„Ќе имаме проблем следната година кога ќе стане јасно дека и следната година нема да имаме поцврсти кандидати“, рекол втор соговорник на весникот а уште еден извор посочил дека Бајден и фон дер Лајен изградиле „силна врска“ последните години, зајакнувајќи ги трансантлатските врски по однос на прашањата како што се Кина, Украина и климата.
Во написот на The Telegraph се наведува дека таа сега „се потпира на Вашингтон за разузнавачките информации“, дистанцирајќи се од информациите кои ѝ ги пренесуваат еввропските агенции „кои погрешно ја процениле“ руската инвазија во Украина.
Фон дер Лајен течно зборува и француски, што веројатно ќе ѝ обезбеди поддршка и од францускиот претседател Емануел Макрон, кој бил против кандидатурата на Британецот Валас, пишува весникот.
„Кандидатурата на Бен Валас беше блокирана … Министерот за одбрана беше фаворит на многу земји членки на НАТО, но во односите со Вашингтон, дефакто лидерот на сојузот, имаше значителни тензии поради неговата невидена поддршка за Украина. Во својата воена поддршка за Киев, вклучително и во однос на испораките на тенковите и крстосувачките ракети со долг дострел, тој често одеше и подалеку од САД“, наведува весникот.
Во написот на Тhe Telegraph се потсетува дека минатиот четврток службата за односи со јавноста на НАТО најави дека 64-годишниот Норвежанец, кој е генерален секретар од 2014 година и кој постојано изминатата година ја истакнуваше желбата да замине од должноста есента 2023-та, ќе остане на чело на Северноатлантскиот воен сојуз уште една година.
Според соговорниците на британскиот весник, „фон дер Лајен во приватни разговори наводно му кажала на Бајден дека нема да може да преземе ниту една позицја во НАТО најмалку до следната година“.Се додава и дека дускусиите за наследникот на Столтенберг водени изминатата година не резултирале со истакнување компромисен кандидат.
„Не е паметно да се менуваат капетаните во текот на бура“, ги сумира во разговор за весникот резултатите од долгата и бесплодна дискусија високо позициониран функционер на НАТО. Покрај тоа, некои западни дипломати рекле и дека смената на челникот на Алијансата во екот на конфликтот во Украина „може да го намали степенот“ на поддршка за киевските власти.
Низа западни политичари изминатата година беа наведувани како можни наследници на Столтенберг, почнувајќи од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, холандскиот премиер Марк Руте, шпанскиот премиер Педро Санчез, британскиот министер за одбрана Бен Валас, па до челниците на владите на балтичките земји Естонија и Литванија.
Се споменуваа и поранешниот италијански центристички премиер и претседател на Европската централна банка (ECB), Марио Драги, и романскиот претседател Клаус Иоханис.
Новиот генерален секретар на НАТО, според плановите, требало да биде претставен на самитот во Вулнис на 11-ти и 12-ти јули, но бидејќи кандидатурата мора да добие едногласна согласност од земјите членки, кои очигледно ги преферираат своите интереси и приоритети, потребно е подолг период и ова прашање беше засега решено со продолжување на мандатот на Столтенберг.
Јенс Столтенберг сега е генералниот секретар на НАТО со вториот најдолг мандат, а од него подолго на позицијата беше само Јозеф Лунс од Холандија, кој должноста ја извршуваше од 1971 до 1984 година.