![Bajden Brisel](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/12/Bajden-Brisel.jpg?resize=647%2C488&ssl=1)
Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот ја продолжи суспензијата на увозните давачки за челик и алуминиум од Европската унија за две години, со цел да се продолжат преговорите за мерките за решавање на проблемот со прекумерниот производствен капацитет и емисиите на јаглерод.
САД ги суспендираа увозните тарифи од 25 отсто за европскиот челик и 10 отсто за европскиот алуминиум на две години од јануари 2022 година, кои беа воведени од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, заменувајќи ги со систем на тарифни квоти.
Европските тарифи, воведени како одговор, покриваа низа американски производи од мотоциклите „Harley Davidson“ до виски и глисери. Тие се одложени до 2025 година, една по изборите кои в година ќе се одржат на двете страни од Атлантикот.
САД и ЕУ се обидуваат да постигнат договор за мерките за решавање на проблемот со вишокот капацитет во непазарните економии како Кина и за промовирање на „позелениот челик“. Договорот требаше да биде постигнат до крајот на оваа година, но преговорите заглавија.
Бајден рече дека двете страни постигнале „значаен напредок“ и дека „продолжуваат да преговараат“.
Системот на царински квоти дозволува бесцарински увоз во САД на 3,3 милиони тони челик и 384.000 тони алуминиум од ЕУ, а давачките се наплаќаат за количества коишто ги надминуваат овие квоти. Новото ослободување важи до 31 декември 2025 година.
Бајден ги задржа постоечките царини за земјите кои не се членки на ЕУ.