Американскиот претседател Џо Бајден во средата го предупреди Израел дека мора да стори повеќе за да се осигура дека нема да се повтори инцидент како неодамнешното убиство на американска државјанка, која протестираше против изградбата на нови доселенички израелски населби на окупираната палестинска енклава Западен брег, нарекувајќи ја нејзината смрт „неприфатлива“.
Во изјавата, Бајден пишува дека, иако Израел ја презеде одговорноста за нејзиното убиство, американската влада сè уште очекува отворен пристап во истрагата за околностите на нејзината смрт.
„Мора да има целосна одговорност. И Израел мора да стори повеќе за да се осигура дека такви инциденти никогаш повеќе нема да се повторат“, пишува американскиот претседател.
Ајсенур Езги Ејги, 26-годишна турско-американска државјанка, заедно со 13-годишно момче, беше убиена минатиот петок за време на протестот во Беита, село во близина на Наблус, каде што Палестинците се под постојан напад од екстремно десничарски еврејски доселеници. Израел тврди дека нејзиното убиство било случајно.
Бајден го осуди насилството на „екстремистичките израелски доселеници“ на окупираниот Западен брег, но и на „палестинските терористи“. Тој го стори тоа еден ден откако американските власти побараа промена на однесувањето на израелската армија на Западниот брег.
„Ќе продолжам да ги поддржувам политиките кои ги сметаат сите екстремисти – израелски и палестински – одговорни за поттикнување насилство и создавање пречки за мирот“, наведува Бајден.