Бајден бара од Израел да ги заштити болниците во Газа

Американскиот претседател Џо Бајден побарал во понеделникот од Израел да ја заштити веќе тешко оштетената главна болница во градот Газа, во чијашто близина се водат жестоки борби меѓу израелската војска која го опколи болничкиот комплекс и борците на палестинското радикално движење Хамас.

„Се надевам и очекувам дека дејствувањето во болницата Ал Шифа. Болнцата мора да се заштити“, изјави американскиот претседател во Белата куќа одговарајќи на новинарско прашање дали за тоа разговарал со израелските челници.

Џо Бајден, кој рече дека е „во контакт со Израелците“,за тоа прашање изјавата ја даде во Овалната канцеларија, каде што ја потпиша иницијативата за истражувања за женското здравје, во друштво на првата дама Џил Бајден.

Американскиот претседател додаде дека со посредување на Катар сѐ уште преговара за „ослободување на заробениците“. Меѓутоа, агенцијата Reuters во неделата ноќта повикувајќи се на палестински функционери, пренесе дека поради бомбардирањата на болницата „Ал Шифа“ се повлекол од преговорите за ослободување на заложниците.

Во петокот Светската здравствена организација (СЗО – WHO) соопшти дека од почетокот на судирот на 7-ми октомври регистрирани се најмалку 245 напади врз здравствени установи во палестинската енклава, од кои 118 во самиот град Газа.

Според хирург, активист на меѓународната невладина организација Лекари без граници (MSF – Médecins Sans Frontières) кој работи во болницата „Ал Шифа“, „ситуацијата е многу сериозна, нечовечка“ .

„Во болницата немаме струја, храна, ниту вода. Луѓето ќе умрат за неколку часа без респиратори“, рекол лекарот.

Пациентите и новореденчињата се веќе мртви, поради тоа што нема струја во болницата во која има најмалку шестотини ранети и илјадници цивили кои таму побараа засолниште, соопштија од Хамас.

Израелскиот воздушен напад „целосно ја уништи“ кардиолошката зграда на болничкиот комплекс „Ал Шифа“ во градот Газа, соопшти во неделата заменик-министерот за здравство на Газа.

Од саботата комплексот „Ал Шифа“ е без струја. Израелската невладина организација Лекари за човекови права-Израел во саботата објави дека „две предвремено родени бебиња починале“ бидејќи недостигот од гориво го спречил продолжувањето на неонаталната нега во „Ал Шифа“, најголемата болница во опколената Газа.

Израел тврди дека Хамас ја поставил својата инфраструктура во мрежата подземни тунели под болницата „Ал Шифа“, што движењето го негира. Болничкиот комплекс е претворен во воена зона додека лекарите и хуманитарните организации се грижат за судбината на илјадници цивили и пациенти таму.

Заемникот министер за здравство во владата на Хамас, Јусеф Абу Риш во понеделникот за AFP рекол дека од саботата починале „седум предвреме родени бебиња“ и „27 пациенти на одделот за интензивна нега“ поради прекинот на снабдувањето со струја на болницата.

Израел кој на палестинското население му нареди да ја напушти зоната во која неговите трупи водат борбени операции објави во понеделникот дека ќе биде отворен „коридор“ за евакуација на цивилите од болницата „Ал Шифа“, признавајќи дека тој сектор е сцена на „интензивни борби“.

Израел континуирано го бомбардира појасот Газа од нападот на Хамас на 7-ми октомври на негова територија и од 27-ми октомври спроведува копнена операција за „уништување“ на исламистичкото движење.

На израелска страна, околу 1.200 луѓе беа убиени, објавија властите, повеќето од нив цивили, во еден ден на нападот што не се забележани од основањето на Израел во 1948 година.

Во израелското бомбардирање на Појасот Газа од 7-ми октомври, според Министерството за здравство на Хамас, загинале 11.240 луѓе, главно цивили, меѓу кои 4.630 деца.