Американскиот претседател Џо Бајден изјави во петокот дека доколку тој би бил на местото на Израел, би разгледал алтернативи за гаѓање на иранските нафтени постројки, додавајќи дека смета дека Израел сè уште не одлучил како да одговори на Иран.
Бајден одговараше на прашањата на новинарите на брифингот во Белата куќа.
„Израелците не одлучија што ќе сторат во врска со нападот. За тоа сè уште се разговара… Да сум на нивното место, би размислив за алтернативи за гаѓањата на нафтените постројки“, изјави Бајден за новинарите.
Тензиите меѓу Иран и Израел се на високо ниво бидејќи Израел ги разгледува опциите како да одговори на нападот со балистички ракети на Техеран. Иран во вторникот лансираше низа ракети кон Израел како одмазда за израелските напади во кои беа убиени политичкиот водач на Хезболах, Хасан Насрала во Бејрут минатиот петок и ирански восок воен консултант, како и политичкиот челник на палестинската милитантна група Хамас, Исмаил Ханија во јули во Техеран.
Бајден, исто така, беше прашан од новинарите дали мисли дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обидува да влијае на американските избори на 5. ноември со тоа што не сака да се вклучи во дипломатијата.
„Дали тој се обидува да влијае на изборите, не знам, не сметам на тоа. Ниту една администрација не му помогнала на Израел повеќе од мојата“, одговори Бајден.
Американскиот претседател изјави и дека е уверен оти претстојните претседателски избори ќе бидат слободни и фер, но е загрижен за реакцијата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп доколку загуби.
„Уверен сум дека тие ќе бидат слободни и фер. Не знам дали ќе бидат мирни. Она што го кажа Трамп и она што го кажа минатиот пат, кога не му се допадна исходот од изборите, е многу опасно“, рече Бајден.
Бајден рече дека е значајно што изборот на Трамп за потпретседател, американскиот сенатор ЏејДи Ванс, не сакал да потврди за време на потпретседателската дебата дека ќе го прифати исходот од изборите на 5 ноември.
Трамп се кандидира против демократската потпретседателка Камала Харис во тесна трка за која ќе одлучуваат гласачите во само неколку сојузни таканаречени „колебливи“ држави.