Американскиот претседател Џо Бајден е „длабоко загрижен“ поради објавувањето на американски разузнавачки информации за планот на Израел за возвратен напади врз Иран поради неговите одмазнички удари врз еврејската држава претходно месецов.
Во саботата, американските медиуми објавија дека американската влада истражува потенцијално истекување на разузнавачки информации. Американските истражители се обидуваат да откријат како на интернет протекоа високо доверливи разузнавачки документи.
Документите, кои се појавија во петокот на платформата за размена на пораки Telegram, содржат наводна американска проценка за плановите на Израел да го нападне Иран.
Сè уште не може да се каже дали податоците се протечени или хакирани. Во моментов нема индиции дека ќе има дополнително споделување на документи од ваков тип, пишуваат медиумите.
Претседателот „останува длабоко загрижен за какво било истекување на доверливи информации во јавниот домен, смета дека тоа не требало да се случи и дека е неприфатливо кога ќе се случи“, рече портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.
Истовремено постојаната мисијата на Иран во Обединетите нации, повикувајќи се на изјавите на Бајден во текот на неговата посета на Германија минатата седмица, во соопштение предупреди дека американскиот претседател сигнализирал „премолчено одобрување и експлицитна поддршка за незаконската воена агресија на Израел против Иран“.
„САД ќе сносат целосна одговорност за својата улога во поттикнувањето, помагањето и овозможувањето на какви и да се акти на агресија од страна на Израел против Исламската Република Иран… како и за катастрофалните последици врз регионалниот и меѓународниот мир и безбедност“, изјави иранската мисија при ОН во дописот до Советот за безбедност на ОН.
Бајден, при посетата на Берлин, меѓу другото, им рече на новинарите дека има разбирање за тоа како и кога Израел ќе одговори на ракетните напади од Иран. Меѓутоа, одби да даде појаснување.