Американскиот претседател на заминување Џо Бајден во средата изјави дека Израел и Хамас постигнале договор за прекин на огнот и за заложници што ќе ги прекине борбите во Газа, додавајќи дека тоа е ддостигнување на соработката со новата администрацијата на избраниот претседател Доналд Трамп.
„Објавувам дека е постигнат договор за прекин на огнот и за заложници меѓу Израел и Хамас. Договорот беше постигнат по 15 месеци страдање, проследено со бран хуманитарна помош за Газа“, рече Бајден во Белата куќа
„Борбите во Газа ќе престанат, а заложниците наскоро ќе се вратат дома кај своите семејства“, рече Бајден.
Договорот беше постигнат по неколкумесечни преговори од страна на администрацијата на Бајден, рече тој, заблагодарувајќи им се на неговиот советник за национална безбедност Џејк Саливан и на други официјални претставници.
Сепак, условите од договорот главно ќе ги спроведува новата администрација на Трамп, изјави актуелниот американски претседател.
„Разговаравме како тим во изминатите неколку дена“, рече Бајден.
На прашањето на новинарот дали тој или Трамп заслужуваат поголема заслуга за постигнувањето на договорот, Бајден одговори: „Дали се шегуваш?
Трамп на социјалните мрежи објави дека договорот немало да биде постигнат доколку тој не бил избран.
„Овој ЛЕГЕНДАРЕН договор за прекин на огнот беше возможен само како резултат на нашата историска победа во ноември, бидејќи му сигнализираше на целиот свет дека мојата администрација ќе бара мир и ќе преговара за договори за да се осигура безбедноста на сите Американци и нашите сојузници“, напиша тој.
Можни основи за независна палестинска држава
Бајден не даде детали надвор од општите контури на договорот кои се веќе познати, но посочи дека верува оти договорот може да ги постави темелите за независна палестинска држава.
„За палестинскиот народ, кредибилен, кредибилен пат до сопствената држава. А за регионот, иднина на нормализација, интеграција на Израел и сите негови арапски соседи, вклучително и Саудиска Арабија“, рече тој.
Во одвоено соопштение, Белата куќа го цитираше Бајден дека „денеска, по повеќемесечна интензивна дипломатија од страна на САД, заедно со Египет и Катар, Израел и Хамас постигнаа прекин на огнот и договор за заложниците“.
„Овој договор ќе ги запре борбите во Газа, ќе ја зголеми многу потребната хуманитарна помош за палестинските цивили и ќе ги обедини заложниците со нивните семејства по повеќе од 15 месеци заробеништво“, се вели во соопштението на Белата куќа.