Американскиот претседател Џо Бајден изјави во неделата дека членките на групата Г7 договориле заеднички пристап кон Кина со кој повикуваат на диверзификација на синџирите за снабдување, за да се намали зависноста од оваа земја, а патем нафрли дека наскоро би можел да разговара со кинескиот претседател Кси Џинпинг.
„Не сакаме да се оддалечиме од Кина. Сакаме да ги намалиме ризиците и да го диверзифицираме нашиот однос со Кина“, рече Бајден за новинарите на завршниот ден од самитот на Г7 во јапонскиот град Хирошима.
Челниците на седумте земји – САД, Велика Британија, Франција, Јапонија, Канада, Германија и Италија а на кои им се придружија и челниците на Европската унија, во саботната заедничка изјава го исцртаат тој пристап, што реагираше остро со предупредување кинеското Министерство за надворешни работи со оцена дека земјите се мешаат во нејзините внатрешни работи. Истовремено, амбасадата на Кина во Токио ги повика Г7, како што наведе, да престане со создавањето конфронтации и поделби.
И покрај овие остри реакции, Бајден изјави дека очекува подобрување на односите со Кина „многу брзо“. Последниот спор меѓу двете супер по ланската посета на Ненси Пелоси на Тајван, беше наводниот кинески шпионски балон соборен во САД откако надлетувал чувствителни воени локации.
„Мораме да имаме отворена телефонска линија“, рече Бајден и истакна дека минатата година во текот на самитот на групата Г20 на Бали со Кси договорил продолжување на комуникацијата, но дека сѐ се променило по скандалот со балонот со „два вагона шпионска опрема“.
Бајден притоа нафрли дека промената во односите меѓу Соединетите држави и Кина би можела да дојде набрзо.
„Кога станува збор за односите со нив, мислам дека наскоро ќе го видите тоа подобрување“, рече американскиот претседател.
Зборувајќи за тензиите меѓу Кина и Тајван, Бајден истакна дека постои јасно разбирање кај повеќето американски сојузници дека ќе следи одговор доколку Пекинг еднострано дејствува кон властите во Тајпеј.
„Нема да ѝ кажеме на Кина што смее да прави. Но во меѓувреме ќе го ставиме Тајван во позиција да се брани“, порача Бајден.
Кина го смета островот како дел од својата национална територија и не ги крие аспирациите за спојување па и употреба на сила доколку е потребно. Според принципот „една Кина“, кој е инаку зацртан во односите на Кина со САД, ниту една земја не треба да одржува официјални врски со Пекинг и Тајпеј во исто време. САД во намерите да ги избегне острите тензии со Кина декларативно наведува дека го признава „статус-квото“ и принципот на „една Кина“, но американскиот закон го обврзува Вашингтон да му овозможи финансиски и материјално на островот „право на самоодбрана“.