Бајден ги отфрла повиците да се повлече, демократите се соочуваат со дилема

Американскиот претседател Џо Бајден инаетчиски ги одбива повиците да се повлече од претседателската трка против републиканскиот противкандидат Доналд Трамп, предизвикувајќи ги сопартијците демократи кои се загрижени дека неговата возраст ќе ги одбие гласачите.

„Се кандидирам и повторно ќе победам“, им рече 81-годишниот Бајден на приврзаниците во жестокиот говор во петокот во Медисон, во сојузна држава Висконсин. Тој потоа во интервју за телевизиската мрежа ABC News рече дека тој е најдобриот демократски кандидат што ќе го спречи Трамп да се врати во Белата куќа на изборите на 5-ти ноември и дека само „Семоќниот Господ“ може да го убеди во спротивното.

Бајден се соочува со бунт во неговата сопствена партија, кој вклучува донатори, пратеници, некои демократски функционери и стратези, кои бараат да ја заврши својата кампања по лошата телевизиска дебата против Трамп на 27-ми јуни. Настаните во петокот, се чини, дека направија малку за да ја смират загриженоста на некои демократи.

Сопартијците во наредните денови би можеле да одлучат дали ќе го поддржат претседателот или не.

Во сабота, потпретседателката Камала Харис ќе зборува во Њу Орлеанс на фестивалот Essence, годишен фестивал за култура и музика спонзориран од магазинот Essence, кој е наменет за црните жени. Харис е најдобриот избор да го замени Бајден доколку се повлече од лидерската позиција на Демократската партија, сметаат некои во партијата.

Харис објави порака за поддршка на Х, по митингот на Бајден во Медисон во петокот, велејќи дека претседателот го посветил својот живот на борбата за Американците. „Знам дека во овој момент сите сме подготвени да се бориме за него“, порача таа.

Некои анкети покажуваат дека водството на Трамп пред Бајден се зголемува, а демократите се загрижени дека загриженоста на гласачите за возраста и здравјето на претседателот може да доведе до помалку гласови. Сенаторот Марк Ворнер од Вирџинија планира состанок во понеделник за да разговара за кандидатурата на Бајден.

Бајден нема јавни настани закажани за сабота.