Бајден го нападна Трамп во својот говор за состојбата на нацијата

Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот ја прогласи демократијата загрозена и ја нарече неприфатлива позицијата на поранешниот претседател Доналд Трамп за НАТО, во обраќањето за состојбата на Унијата дизајнирано да ја спротивстави неговата визија за Америка и светот со онаа што ја застапува неговиот претходник и најверојатниот противник во претседателските избори во ноември.

Бајден, говорејќи на заедничката седница на Претставничкиот дом и Сенатот, го започна своето обраќање за состојбата на Унијата (нацијата) со директно критикување на Трамп за неговиот наводен повик до рускиот претседател Владимир Путин да ги нападне земјите од НАТО кои не трошат доволно за одбрана.

„Сега мојот претходник, поранешен републикански претседател, му вели на рускиот претседател Владимир Путин, цитирам: ‘Прави што сакаш’, рече Бајден. „Мислам дека тоа е безобразно, опасно и неприфатливо’.

Бајден ги истакна „заканите за демократијата“ што според него наводно ги претставува Трамп додека поранешниот претседател ги повторува тврдењата за неговата пораз на изборите во 2020 година. Доналд Трамп вети дека ќе се „одмазди“ за неговиот пораз во 2020 година, за кој тој и неговите приврзаници сѐ уште тврдат дека е лажиран во позла на Бајден, а правните дејствија против него се натрупуваат.

Поранешниот претседател најави дека во живо ќе ги коригира зборовите на Бајден.

Во својот говор за состојбата на нацијата, Џо Бајден рече дека „слободата и демократијата се загрозени“. „Никогаш нашата слобода и демократија не биле во таква опасност во нашата земја како што се денес“, рече тој.

Бајден и Трамп победија на претседателските прелиминарни избори на нивните партии во Супер вторникот, така што историскиот реванш на изборите на 5-ти ноември се чини дека е подготвен и покрај нискиот рејтинг на одобрување за двајцата кандидати.

 

Американските војници нема да одат во Украина

Во говорот, Бајден повторно побара од Конгресот да ја поддржи Украина да го „запре Путин“ во неговата инвазија, обвинувајќи го Трамп дека го „послуша“.

„Ве уверувам дека Путин нема да застане на Украина. Но, Украина може да го запре Путин ако ја поддржиме и ѝ го обезбедиме оружјето што му е потребно за да се одбрани“, рече тој, повикувајќи го Конгресот да дозволи помош за Киев, кој е замрзнат за месеци поради партиски судири меѓу демократите и републиканците.

„Тоа е сè што бара Украина. Таа не бара американски војници“, нагласи тој, мислејќи на неодамнешните зборови на францускиот претседател Емануел Макрон за евентуалното распоредување на војници на НАТО на украинското боиште.

Го нагласи своето тврдење дека во Украина нема американски војници и „ве уверувам дека така ќе остане“.

Наспроти тоа, Русија презентираше пресретнати разговори кои сведочат дека уште од 2014 година, по превратот во Киев, во Украина се наоѓаат американски војници под превезот на наводни доброволци и платеници, како и дека со украинските операции на боиштетот управуваат и ги планираат американски офицери.

Макрон неодамна изјави дека западните сојузници не треба да исклучат каква и да  опција за спречување на руската победа во Украина, иако истакна дека сè уште нема консензус за тоа.

„Историјата нѐ набљудува“, повеќепати повтори Бајден

Официјалното обраќање пред двата дома на американскиот Конгрес традиционално му дава можност на американскиот претседател да зборува за состојбата на земјата и приоритетите за иднината.

Бајден ги истакна неговите разлики со Трамп за демократијата, правата на абортусот, имигрантите и економијата за време на говорот што демократите го гледаат како главна можност за претседателот да добие поддршка за втор мандат пред телевизиската публика од милиони Американци.

 

Прашањето за хуманитарна помош за Газа не е секундарна работа

Зборувајќи за тековната војна во Газа, Бајден повика на итен шестнеделен прекин на огнот и го предупреди Израел дека прашањето за хуманитарната помош за Газа „не може да биде второстепено прашање или договор за пазарење“.

Тој, исто така, го информираше Конгресот дека и наредил на американската војска да основа вештачко пристаниште во Газа за да испорача поголема хуманитарна помош на опколената палестинска територија.

 

Бајден го поздрави приемот на Шведска во НАТО

Бајден, исто така, го поздрави приемот на Шведска во НАТО, „најсилниот воен сојуз што светот некогаш го видел“.

Шведска се приклучи на НАТО во Вашингтон во четвртокот, две години откако руската инвазија на Украина ја принуди да ја преиспита својата национална безбедносна политика и да заклучи дека влезот во НАТО е подобар гарант за безбедноста од традиционалната политика на неутралност. Шведска како и соседната Финска, всушност, со децении беа само декларативно воено неутрални, наспроти постојанота воена соработка во набавка и правење оружје со Алијансата и со децении учество на заеднички воени вежби.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон, кој беше присутен на говорот на Бајден, во четвртокот ги достави конечните документи до американската влада во Вашингтон, последниот чекор во долгиот процес на пристапување во НАТО, кој требаше да биде одобрен од сите членки на воената алијанса.

 

Абортус, мигранти, економија

Претседателот Бајден, исто така, го осуди укинувањето на федералната гаранција за абортус, ветувајќи дека ќе ја врати таа заштита доколку Американците изберат Конгрес со „право на избор“.

Тој, исто така, рече дека „нема да ги демонизира“ мигрантите како што тоа го направи Трамп, повикувајќи го Конгресот да усвои нацрт-закон за контрола на границите.

„Нема да ги демонизирам мигрантите велејќи дека ја ’трујат крвта на нашата земја’“, нагласи тој, осврнувајќи се на неодамнешните изјави на Доналд Трамп, но не именувајќи го.

„Можеме да разговараме за границата или можеме да го решиме проблемот“, рече тој.

Одговарајќи на критиките на гласачите поради неговата возраст, 81-годишниот Бајден рече: „На моја возраст, некои работи стануваат појасни од кога и да е претходно“.

Во говорот што траеше нешто повеќе од еден час, Џо Бајден рече дека под негово водство, Америка го доживеа „најголемото закрепнување“ по пандемијата ковид-19, која ја фрли на колена најголемата светска економија.

„Наследив економија која беше на работ на колапс. Сега на нашата економија буквално ѝ завидува на целиот свет. За три години се отворени 15 милиони работни места, тоа е рекорд. А стапката на невработеност е најниска во последните 50 години“.

Toa ja оцртува „иднината полна со ветувања“, додаде Бајден.