Американскиот претседатл Џо Бајден, кој се бори за политички опстанок со секое појавување во јавноста, во четвртокот се соочува со непријатен тест за неговата претседателска кандидатура – прес-конференција, обврска која баш и не ја сака.
Но Белата куќа ветува дека тоа ќе биде „прес-конференција на големото момче“, без детали како ќе се одвива.
Изборот на зборовите на претставничката за печатот на Белата куќа, Карина Жан-Пјер за претседателот Бајден како „големото момче“ сугерира дека неговата средба со претставниците на медиумите сега ќе биде поинаква, за разлика од кратките прашања и одговори, главно кога прима странски државници и доставени прашања од однапред одредени новинари, најмногу четири.
Прес-конференцијата е закажана за 23,30 часот по средноевропско време, а Бајден ќе мора јасно да се изрази со самоуверен глас и да зборува без ноти или блезиметар. Накратко, тој мора да направи сѐ што не можеше да направи на 27-ми јуни на дебатата со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, со кој ќе се соочи на претседателските избори на 5-ти ноември.
По фијаското во дуелот со Трамп, 81-годишниот демократ не успеа да ги примири стравувањата во редовите на неговата партија, која се прашува дали Бајден сепак може да ја води државата. Во средата, Питер Велч од Вермонт стана првиот демократски сенатор кој директно го повика Бајден да се „повлече од трката“ за Белата куќа за „доброто на земјата“. На тој повик се приклучија неколку демократи во Претставничкиот дом и актерот Џорџ Клуни, кој собира пари за кампањата на демократите во Холивуд.
Некои големи имиња во Демократската партија, вклучително и поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го повикуваат Бајден да „донесе одлука“, што имплицира дека таа што веќе ја донел не е нужно добра.
Како што објави Axios, лидерот на мнозинството во Сенатот, демократот Чак Шумер, наводно приватно им сигнализирал на донаторите дека е отворен за идејата да се замени Бајден со друг кандидат. Но, неговата канцеларија во средата соопшти дека Шумер го поддржува Бајден да го победи Доналд Трамп во ноември.
Демократските сенатори планираат да разговараат со тројца блиски советници на Бајден во четврток.