![bajden so maska](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/01/bajden-so-maska.jpg?resize=696%2C383&ssl=1)
САД воведуваат нови рестрикции по ширењето на корона вирус. Џо Бајден го врати ограничувањето за влез во земјата за лицата кои не се жители на државата, а доаѓаат од Велика Британија, Бразил, Ирска и поголемиот дел од Европа.
„Новиот претседател исто така ќе ги прошири овие забрани за луѓе кои неодамна биле во Јужна Африка поради информации за појава на нови, попреносливи видови на коронавирус во САД.“ – соопштија од Белата Куќа.
Веќе во првите денови од преземањето на функцијата, Бајден ги заостри прописите за носење маски и нареди карантин за луѓето кои доаѓаат во САД со авион. Најновата одлука на Бајден е само дел од планот на новата администрација за борба против ковид 19.
Германската влада стравува дека новата мутација на коронавирусот ќе стане доминантен вид и во Германија, а Точно една година откако Франција го регистрираше првиот случај на зараза, шефот на одделот кој го советува Емануел Макрон, напомена дека оваа недела ќе биде критична.
„Податоците кажуваат дека на новиот, попренослив сој, кој првпат беше идентификуван во Велика Британија, сега отпаѓаат од седум до девет отсто случаи на зараза во некои региони и ќе биде тешко да се запре. Новите варијанти се рамни на втора пандемија. Ако не ги заостриме мерките, ќе се најдеме во крајно тешка ситуација до средина на март.“ – изјави д-р Жан-Франсоа Делфреси.
Европската Комисија им препорача на земјите членки да воведат построги мерки за патниците за да се избегнат нови бранови од Ковид-19. За земјите надвор од Унијата, Комисијата препорачува задолжително тестирање пред заминување и приложување на тест не постар од 72 часа како и карантин или изолација од 14 дена.
Европската комиосија исто така бара и да се преземат построги мерки за патниците кои пристигнуваат од земјите каде се детектирани новите варијации на вирусот, односно Велика Британија и Јужна Африка.