Бајден го потпиша предлог-законот за буџетот со кој е избегната блокадата на владата

Американскиот претседател Џо Бајден во саботата го потпиша предлог-законот за буџет од 1,2 трилиони долари, усвоен рано во саботата по локално време од Конгресот, со што се спречи делумно затворање на федералните служби, соопшти Белата куќа.

Бајден го опиша пакетот, кој Конгресот го усвои со големо мнозинство во раните утрински часови во саботата, како инвестиција во Американците, во зајакнувањето на економијата и националната безбедност.

Демократскиот претседател го повика Конгресот да усвои други нацрт-закони кои се заглавени во еден од двата дома.

„Двопартискиот предлог-закон за буџет што штотуку го потпишав ја одржува владата отворена, инвестира во американскиот народ и ја зајакнува нашата економија и националната безбедност“, рече Бајден во изјавата.

Сенатот, со мнозинство демократи, го усвои предлог-законот за буџетот со 74 гласа „за“ и 24 „против“.

Клучните федерални агенции, вклучувајќи го Стејт департментот, домашната безбедност, правдата и Министерството за финансии, ќе продолжат да се финансираат до 30-ти септември или до крајот на фискалната година.

Но, нацрт-законот не вклучува финансирање за помош, главно воена, за Украина, Тајван и Израел, што е содржано во друг документ за кој гласаше Сенатот, но републиканското мнозинство во Претставнички дом не даде зелено светло. Републиканците го условуваат со издвојување средства за зајакнување на безбедноста на границата кон Мексико преку која изминатите години во САД влегле милиони нелегални мигранти.