Американскиот претседател Џо Бајден го повика емирот на Катар да ги „искористи сите соодветни мерки“ за Хамас да го прифати договорот за прекинот на огнот и договорот за заложници кои сега се на маса.
Бајден и шеикот Тамим бин Хамад Ал-Тани „потврдија дека сеопфатниот договор за прекин на огнот и ослободување заложници кои сега се на маса нудат конкретен патоказ за ставање крај на кризата во Газа“, соопшти Белата куќа.
Претходно, портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер изјави дека Вашингтон не е во дослух со Хамас, но рече дека со сигурност Израел ќе остане на својот предлог.
Милер зборуваше откако премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави пред Комитетот за надворешни работи и одбрана на Кнесетот дека Бајден претставил само делумен преглед на договорениот предлог за обезбедување прекин на огнот во Газа и ослободување на израелските заложници. Тврдењето го отфрли портпаролот на американската национална безбедност Џон Кирби.
Меѓутоа, израелските власти рекоа дека има несогласување меѓу Нетанјаху и Американците околу деталите од втората фаза од договорот.
„Заклучок е дека Бајден не го разбира Синвар. Тој ветува дека нема да има продолжување на борбите во втората фаза, каков интерес има лидерот на Хамас да ја прифати првата фаза?“, рекоа официјалните лица. Тие инсистираат на тоа дека ако не се постави ограничување на времето за преговори пред Израел да продолжи со нападите, тоа би можело да доведе Синвар да ги одолговлекува преговорите на неодредено време.
„Ако видиме дека Хамас ги одолговлекува разговорите, ќе ја продолжиме војната, но проблемот е што нема договор што би значело одолговлекување на разговорите. Во таков случај, Израел сигурно ќе биде обвинет за прекршување на примирјето“.
Официјалните лица рекоа дека Израел не му предложил алтернативна улога на Хамас по војната, а Бајден исто така не го покренал ова прашање и не кажал дефинитивно дека Хамас повеќе нема да владее со Појасот.