Американскиот претседател Џо Бајден ги повика во неделата членовите на Конгресот веднаш да дејствуваат за да се ограничи продажбата и циркулација на огненото оружје во САД.
„Оваа администрација нема да го чека следното масовно пукање за да повика на акција“, изјави Бајден по повод тригодишнината од масакрот во средното училиште во градот Паркленд на Флорида во кој на 14-ти февраури 2018 година, беа убиени 17 луѓе.
„Денеска го повикувам Конгресот да донесе реформи во согласност со здравиот разум кои се однесуваат на оружјето“, додаде Бајден повикувајќи конечно да се воведат проверки во синџирот на продажбата со коишто ќе се утврди кои се купувачите на оружјето и да се забрани користењето на пушките и шаржерите со голем капацитет.
Бајден истакна дека мора „да се стави крај на недопирливоста на произведувачите на оружјето кои свесно го пуштаат во продажба военото оружје на нашите улици“.
На 14-ти февруари 2018 година 19-годишниот Никлас Круз отвори оган во средното училиште „Мерџори Стонмен Даглас“ на југоистокот на Флорида, усмртувајќи притоа 14 средношлоци и три возрасни лица пред да биде уапсен. Претходната година бил исклучен од училиштето поради „дисциплински причини“, но во меѓувреме успеал да дојде до полуавтоматска пушка која била купена легално.
Ваквите инциденти во училиштата во САД се провлекуваат повеќе од две децении наназад, а масакрот во Паркленд предизвика дотогаш најсилна реакција на средношколците во градот кој ја зафати целата земја кои бараа построга контрола на продажбата на оружјето. Меѓутоа, влијателното лоби на Национална пушкарска асоцијација (NRA) успеа да издејствува тогашниот претседател Доналд Трамп да не ја разгледува забраната, а иницијативата немаше доволна поддршка и во Конгресот.
Од огнено оружје годишно во САД во просек гинат над 33.000 лица од кои 22.000 се случаи на самоубиство, а училишната младина се нарекува „генерација на масовното пукање“ или „генерација Колумбина“, според името на средното училиште во сојузната држава Колорадо каде што двајца ученици во 1999 година усмртија 12 колеги и професори.
Многу американски администрации досега не успеваа во напорите да го запрат бројот на масовините убиства чиишто цели се најчесто средните училишта, универзитетските кампуси, трговските центри, компаниите или верските објекти. Расправата за законот за носење оружје, која е многу помирлива, се поведува секоја година по секое масовно пукање. И покрај тоа, малку конкретни мерки се преземаат за сузбивање на ваквите појави, главно поради влијанието на моќното лоби на Националната пушкарска асоцијација (NRA).