Американскиот претседател Џо Бајден го повикал украинскиот претседател Володомир Зеленски на средба во Белата куќа во вторник 12-ти декември, објави во неделата Белата куќа.
Во соопштението за медиумите се наведува дека двајцата претседатели ќе разговараат за „итните потреби“ на Украина во војната против Русија.
Се прецизира дека челниците на двете земји ќе разговараат за актуелните потреби на Украина и „виталната потреба за континуирана поддршка од страна на Соединетите држави во критичниот момент“.
Како што појаснува службата за односи со јавноста на Белата куќа, Бајден има намера „да ја нагласи непоколебливата посветеност на Соединетите држави за поддршка на народот на Украина“.
Зеленски ќе допатува во Вашингтон во понеделник, објави неговиот кабинет на платформата Telegram, додавајќи дека во текот на „работната посета“ ќе се се сретне со претседателот Бајден и ќе има „низа состаноци и разговори“.
„Клучни теми ќе бидат одбранбената соработка меѓу САД и Украина, особено во заедничките проекти за производство на оружје и противвоздушни системи, како и координација на напорите на двете земји во претстојната година“, според кабинеотт на Зеленски.