Бајден го суспендираше одобрувањето на новите проекти за извоз на LNG

Американскиот претседател Џо Бајден во петокот го суспендираше одобрувањето на извозот од новите проекти за течен природен гас (LNG), потег што го поздравија климатските активисти и којшто може да значи одложување на одлуките за нови постројки за периодот по претседателските избори на 5-ти ноември.

Во текот на траењето на суспендирањето, или паузата како што велат од Белта куќа, Министерството за енергетика ќе спроведе анализа на економските и еколошките ефекти од проектите кои бараат одобрение за извоз на течен природен гас (LNG) во Европа и Азија.

Ревизијата ќе трае со месеци, а потоа ќе биде отворена за јавен коментар, што ќе потрае извесен период, изјави министерката за енергија Џенифер Гренхолм за новинарите на телеконференција.

„Во овој период внимателно ќе го разгледаме влијанието на извозот на LNG врз цените на енергијата, американската енергетска безбедност и нашата животна средина“,соопшти Бајден. Додаде дека паузата „ја гледа климатската криза онаква каква што е: егзистенцијалната закана на нашето време“.

Претставниците на администрацијата ветија дека суспендирањето нема да им наштети на сојузниците, објаснувајќи дека планот ќе има исклучоци за националната безбедност доколку им е потребно повеќе LNG.

„Ние сме посветени на зајакнување на енергетската безбедност овде во САД и кај нашите сојузници“, рече Гранхолм.

Последната ревизија на проектите за извоз на LNG беше извршена во 2018 година, по што извозниот капацитет беше тројно зголемен, а САД минатата 2023 година останаа главен извозник на LNG во светот.

Активистите за заштита на животната средина тврдат дека новите проекти за LNG би можеле да им наштетат на локалните заедници преку загадување, да ја зацврстат глобалната зависност од фосилните горива во наредните децении и да предизвикаат емисии од палење на гас и истекување на метан. Одлуката на Бајден беше поздравена како храбар чекор.