Американскиот претседател Џо Бајден разговарал во неделата со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани за развојот на настаните во палестинската енклава Појасот Газа и „итни напори кои се во тек“ за да се обезбеди ослободување на заложниците кои ги држи милитантната група Хамас, соопшти Белата куќа.
Бајден „недвосмислено“ го осуди држењето заложници од страна на Хамас, вклучително и многу мали деца, меѓу кои и тригодишен американски државјанин чии родители биле убиени од милитантите на Хамас на 7-ми октомври, се вели во соопштението на Белата куќа.
„Двајцата челници се согласија дека сите заложници мора да бидат ослободени без дополнително одлагање“, се вели во соопштението.
Борците на Хамас ја преминаа границата од Газа во Израел на 7-ми октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници, според израелските власти. Досега се ослободени само четворица заложници, а се претпоставува дека во моментов има 239 заложници чиишто семејства од израелската влада бараат итно ослободување. Военото крило на Хамас, Бригадите ал-Касам, минатата седмица објавија дека 60 од заложниците загинале во израелските бомбардирања на Појасот Газа.
Во израелското бомбардирање на Газа оттогаш загинаа повеќе од 11.000 Палестинци, од кои околу 40 отсто се деца, според здравствените власти на територијата под контрола на Хамас.
Агенцијата Reuters минатата седмица објави дека Катар, каде што подолг период престојуваат неколку политички лидери на Хамас, го предводел посредувањето меѓу Хамас и израелските претставници во врска со ослободувањето на заложнците. Но агенцијата во неделата ноќта пренсе повикувајќи се на палестински фунционери дека Хамас ги прекинал преговорите со Израел за размена на заложници поради израелските напади врз билницата „Ал Шифа“ во градот Газа.
Советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливан, претходно во неделата изјави за телевизијата CNN дека „активни, интензивни преговори“ со Израел, Катар, Египет и САД се во тек за ослободување на повеќе заложници, но не е јасно дали сите се живи.
„Целта е да се направи она што е неопходно на преговарачката маса за да се обезбеди безбедно враќање на сите заложници, вклучително и Американците“, изјави Саливан за CNN, истакнувајќи дека девет Американци се исчезнати, заедно со еден постојан жител на САД.
„Не го знаеме статусот, дали се живи или починати, но сакаме да обезбедиме безбедно закрепнување на сите овие луѓе“, рече тој.
Американскиот функционер, исто така, рече дека Брет Мекгурк, висок советник на Бајден за Блискиот исток, во вторник ќе го посети Израел и ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а планирани се дополнителни посети во Брисел, Саудиска Арабија, Јордан и Катар.
Катарската влада претходно соопшти дека шеикот ал-Тани во разговорот со Бајден ја истакнал потребата од итен прекин на огнот во Газа и трајно отворање на преминот Рафа во Египет. Вашингтон ги отфрли повиците на арапските лидери и други да инсистираат Израел да го прекине нападот врз Појасот Газа кој е под контрола на Хамас.
Во соопштението на Белата куќа не се споменува никаква дискусија за прекинот на огнот, наместо тоа се вели дека лидерите разговарале за потребата „да се заштитат невините цивили и тековните напори за зголемување на протокот на хуманитарна помош во Газа“. Бајден, исто така, ја потврдил својата визија за идна палестинска држава „каде Израелците и Палестинците ќе можат да живеат рамо до рамо со еднакви мерки на стабилност и достоинство“, соопшти Белата куќа, додавајќи дека Хамас долго време е пречка за тоа.