Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот турски колега по должност Реџеп Тајип Ердоган разговараа за одбранбените и економски приоритети во текот на состанокот во Вилнус во вторникот, објави ноќеска Белата куќа ден откако Турција објави дека ќе го поддржи членството на Шведска во НАТО што беше еден од приоритетит на САД за тековниот самит на Алијансата во литванската престолнина.
Американскиот претседател Џо Бајден му се заблагодариl на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган во вторникот за неговата „храброст“ да се откаже од противењето на влезот на Шведска во НАТО. На состанокот за време на самитот на НАТО во Вилнус, Бајден го одбележа и пофали завршувањето на големиот дипломатски притисок за да го натера Ердоган да престане да ја блокира апликацијата на Шведска.
„Сакам да ви се заблагодарам за вашата дипломатија и вашата храброст да го преземете тоа. И сакам да ви се заблагодарам за вашето лидерство“, му рекол Бајден на Ердоган.
Бајден разговараше со Ердоган од својот претедателски авион „Air Force One“ во неделата речиси еден час во обид да го надмине ќор-сокакот и да избегне срамен неуспех на самитот во Вилнус. Ердоган ненадејно се откажа од противењето доцна во понеделникот во пресрет на состанокот на НАТО.
Со месеци, Ердоган инсистираше на мерки во Шведска против членовите на курдските движења кои се забранети во Турција, нешто што шведската влада вели дека сега го направила.
Меѓутоа, се зголемија шпекулациите за тоа кои други отстапки извлече Туркија за да даде зелено светло. Ердоган во последен момент даде одобрувањето за влезот на Шведска во НАТО да зависи од тоа дека Турција ќе може да ги обнови запрените преговори за членство со Европската унија. Исто така, се чинеше дека во преден план дојде уште едно долгогодишно барање од Турција за купување на модерните американски борбени авиони „F-16“.
Во договор со американскиот Конгрес, администрацијата на претседателот Бајден ќе ѝ продаде на Турција борбени авиони од типот „F-16“, изјави советникот на Белата куќа за национална безбедност Џејк Саливан.
Саливан во вторникот истакна дека американскиот претседател „со месеци е јасен и недвосмислен дека го поддржува трансферот на F-16“, сметајќи дека тоа е во интерес на НАТО.
„Тој не постави никакви предупредувања или услови за тоа во неговите јавни и приватни коментари во изминатите неколку месеци. И тој има намера да продолжи со тој трансфер во консултација со Конгресот“, рече советникот на Белата куќа, пренесе агенцијата Reuters.
Саливан рече дека „ние ќе работиме со Конгресот на соодветниот рок за испораката “ на борбените авиони во Турција. Но, тој не можеше „да шпекулира за точниот ден кога тоа ќе се случи“.
Иако генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и шведскиот премиер Улф Кристерсон беа силно ангажирани во преговорите со Ердоган, Саливан го истакна „значајното неодамнешно“ учество на САД.
Што се однесува до обидот на Ердоган да ги поврзе аспирациите на Турција за ЕУ со прашањето за шведското членство во НАТО, Саливан рече дека Бајден „долго“ ја поддржува Турција да влезе во Европската унија.
Сепак, додаде претставникот на Белата куќа, за тоа би биле потребни „дискусии за неопходните реформи и чекори во однос на демократската издржливост низ кои поминува секој иден кандидат за Европската унија“. „Значи, што се однесува до нас, овие прашања не се поврзани“, рече тој.
Турција, која како и Унгарија досега не го ратификуваа приемот на Шведска во НАТО, а Будимпешта рече дека ќе го следи потегот на Анкара по тоа прашање, уште во октомври 2021 година побарад од американскиот производител „Lokheed Martin“ да купи борбени авиони од моделот „F-16“ и речиси 80 модернизациски комплети за своите постојни авиони, во зделката во изност 20 милијарди американски долари.
Меѓутоа, дамнешните тензии меѓу Анкара и Вашингтон, поради турската набавка на руските противвоздушни системи „С-400“ откако беше одбиена од сојузниците во НАТО, бројните американски санкции против Турција со исклучување од проектиот за изградба и набавка на најсовремените авиони „F-35“ и одбивањето на Вашингтон да го испорача исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој жувее во егзил во Пенсилванија кој турската страна го бара под обвинение за неуспешниот воен удар од јули 2016 година, како и затегнатите односи меѓу Турција и Грција која исто така од САД сака да ги купи авионите „F-35“, беа причините за спречување на продажбата на „F-16“ на Анкара.
Некои западни дипломати и геополитички коментатори сметаат дека Ердоган го искористил барањето на Шведска за прием во НАТО, покрај да издејствува од Стокхолм да му ги испорача приврзаниците на организациите кои ги смета за терористички, и да изврши притисок врз Вашингтон да ѝ ги продаде авионите „F-16“ на Анкара. Според нив, Бајден го склучил таквиот договор.
Висок американски функционер за агенцијата AFP, изјави, дека Белата куќа сега „активно се ангажира“ со Конгресот, каде што има големо противење да се дозволи продажбата на „F-16“ на Турција.
Поранешниот француски амбасадор во Вашингтон, Жерар Арно, во врска со тоа на Twitter објави дека „уценувањето на Шведска се исплатеше“.